Во Центар за култура Битола се одржаа два концерти од традиционалниот новогодишен концерт „Виена во Битола“ во изведба на Оркестар DIVA, настан кој со години наназад претставува културен белег на градот и е меѓу најбараните концерти во празничниот период.
Публиката беше пречекана во сценографија што наликуваше на новогодишна честитка со канделабри, снежни ефекти и зимски пејзажи кои асоцираа на волшебна зимска бајка, инспирирана од виенската елеганција. Во духот на празниците, на посетителите им беа разделени и новогодишни чоколатца, како мал, но топол гест на благодарност кон верната публика.
Концертната програма донесе внимателно избрани бисери од виенската класика и оперетата, со дела од Јохан Штраус, Франц Лехар, Емерих Калман и други. На сцената настапија солистите Марија Наумовска Бакревски, Јелена Јовановиќ (Србија) и Тамара Ангеловска, заедно со мешаниот хор при КУД „Стив Наумов“, балетот при Македонска опера и балет, придружени од Оркестар DIVA и НУ Камерен Оркестар на Битола. Еден од поубавите моменти беа и малите балерини од Анастасија Центар кои на изведбата на Silent Night ја разнежнија публиката со нивната изведба.
Концертот беше под диригентска палка на Владимир Димовски, кој во исто време ги подготвуваше и аранжманите и целосната оркестрација.
„Виена во Битола“ е концерт кој секоја година се очекува со сè поголем интерес и кој уште еднаш ја потврди својата позиција како неизоставен дел од културниот календар на градот. Како и претходните години, така и оваа година два концерти беа распродадени уште пред еден месец што ја потврдува желбата на публиката да присуствува на вакви настани.
Со вакви проекти, Оркестар DIVA уште еднаш потврдува дека негува препознатлив стил, топлина и директна врска со публиката, создавајќи концерти што се паметат и со нетрпение се очекуваат секоја година.










