Press "Enter" to skip to content

Вилсон: Годината да ја завршиме победнички, утре да го победиме Кожув

Кошаркарите на Пелистер со нетрпение го очекуваат саботниот дуел со Кожув (18.30 часот, сала „Боро Чурлевски“), дуел на кој битолскиот суперлигаш ќе стори се за пред своите верни фанови победнички да ја заокружи оваа 2025 година. Мечот ќе има и хуманитарен карактер ако се знае дека сите приходи од билетите ќе бидат доделени на Домот за Деца без родители во Битола и на Црвениот крст.

-Сакаме да ја завршиме годината со стил, да покажеме сила и квалитет што ќе ни биде и мотив плус пред предизвиците со кои ќе се соочиме во новата година. Мотивирани сме и нема да ни биде лесно, Кожув е тим што игра квалитетна кошарка, но ако се покажеме во своето вистинско светло ќе стигнеме до посакуваната победа. Прекрасно е што мечот има и хуманитарен карактер, тоа ќе донесе уште поубава атмосфера на трибините, а ние ќе сториме се за да ја крунисаме со триумф, изјави Ленгстон Вилсон, центарот на „пелистерци“.
„Зелено-белите“ имаат скор 7-3 во пресрет на саботниот меч и моментно се наоѓаат на третото место на табелата.

-Лигата е квалитетна и фактот дека имаме седум победи покажува дека играме добра кошарка. Сепак, не може а да не жалиме за оние порази, голем дел од нив беа на еден или два поседи и со малку среќа можевме да имаме 9-1. Сепак, што е тука е, сакаме да победиме на наредниот меч, а потоа да играме уште подобро во наредните натпревари во новата година, вели Вилсон.

More from СпортMore posts in Спорт »