Се е подготвено за завршниот меч од оваа 2025 година, во кој Пелистер во Битола со почеток во 18.30 часот ќе го пречека составот на Кожув. Станува збор за ривал што се засили во изминатиот период и ќе стори се за да приреди изненадување во Битола, нешто што „пелистерци“ се решени да не го дозволат.
-Играме против квалитетен и незгоден противник каков што е тимот на Кожув, тие се во добар ритам на последните средби и очекувам интересен дуел. Клучно ќе биде да се одигра добро во одбраната, да се спречи противникот да влезе во ритам и да постигне многу поени, вели Андреј Митревски, македонскиот репрезентативец во редовите на Пелистер.
Традиционално, последниот домашен меч во секоја календарска година е од хуманитарен карактер, па тоа ќе биде случај и со денешната средба, од која сите приходи од билетите ќе бидат доделени на Црвениот Крст од Битола и Домот за Деца без родители во „градот на конзулите“.











