Press "Enter" to skip to content

Пораз на Пелистер на домашен терен во Битола од Кожув за крај на 2025 година

Пелистер – Кожув 76:83

Кошаркарите на Пелистер не успеаја победнички да ја завршат оваа календарска година откако вечерва загубија во Битола од Кожув со резултат 76:83. „Зелено-белите“ одираа под своите можности, особено потфрлија во втората и во четвртата четвртина што се покажа пресудно за Пелистер во 11. рунда да го забележи четвртиот овосезонски пораз.

Пелистер одлично го отвори натпреварот, набрзина поведе со 5:1, а нешто подоцна стигна и до осум поени предност (14:6) со поените на Митревски и на Дејвис. Американецот Брејси Дејвис беше одличен во стартните десет минути, предводени од него „пелистерци“ поведоа со 18:9, а потоа со поените на Милошевиќ стигнаа и до првото двоцифрено водство на мечот (22:11).Првата четвртина заврши со предност на Пелистер од 22:14, а „зелено-белите“ одржуваа солидна предност до 25:18, по што гостите целосно се вратија во мечот, во 15. Минута со тројката на Пурвис поведувајќи со 27:28. Серијата на Кожув продолжи и гостинскиот состав стигна и до девет поени предност (29:38). Пелистер конечно се разбуди, со тројката на Стојановски намали на 36:39, имаше и тројка за израмнување што Вилсон не ја искористи, па по тројката на Пурвис на спротивната страна на одмор се замина со предност на гостинскиот тим од 36:42.Kожув го контролираше резултатот до 43:52 и 45:54, по што Пелистер се врати во посакуваниот ритам. Одбраната беше на највисоко ниво, се врати и ритамот во нападот, па за само неколку минути резултатот беше свртен во корист на „зелено-белите“, а гостинскиот тренер Малинков мораше да побара тајмаут по цепелинот на Вилсон за 58:57. Кожув поведе со 58:61, но Брејси Дејвис погоди со звукот на сирената и во последните десет минути се влезе со миниминално водство на гостите од 60:61.

Пелистер одигра катастрофално во првите минути од четвртата четвртина, период во кој Кожув се одлепи и поведе со 62:70. При 65:76 на пет и пол минути до крајот Даскаловски побара уште еден тајмаут. Сепак, ситуацијата на теренот не се промени, гостите ја задржаа предноста до конечните 76:83 и се вратија со цел плен назад во Гевгелија.Центарот Ленгстон Вилсон имаше импресивен дабл-дабл од 24 поени и 16 скокови, Брејси Дејвис го заврши мечот со 19 поени, Малешевиќ имаше 14, а Митревски 13 поени, недоволно за оваа календарска година да се заврши со триумф.