Press "Enter" to skip to content

По втор пат „Куќа имам на Пелистер – Вкусот на Пелистер“ хуманитарен новогодишен базар на НП “Пелистер“ Битола со над 2.000 посетители (фотогалерија)

-Од песна до настан: “Куќа имам на Пелистер – Вкусот на Пелистер“ повторно ги обедини љубителите на планината кои денес ги имаше повеќе од 2.000 во инфо-центарот на Националниот парк „Пелистер“ од Битола кој се одржува по втор пат.

-Безвремената песна на нашиот битолчанец Јонче Христовски „Куќа имам на Пелистер“ повторно ја разбуди љубовта кон планината. Од таа емоција, вкоренета во спомените, традицијата и духот на овој крај, се роди инспирацијата за хуманитарниот новогодишен базар.Магла во Битола, но на Пелистер – сонце и чист планински воздух, токму како нарачани за денешниот настан „Куќа имам на Пелистер“ или “Вкусот на Пелистер“ бидејќи тука на Пелистер, локалното има вкус, а дружењето трае подолго од еден ден. Настанот кој е во организација на НП “Пелистер“, ги собра локалните производители на храна и пијалоци на едно место, со музика, забава и ритам што и прилега на планината.Оваа година интересот за истиот беше огромен, со над 2.000 посетители. Поради големата посетеност и за спречување на сообраќаен метеж, сообраќајот го регулираа полициски службеници на СВР Битола. Дел од посетителите беа принудени да ги паркираат своите возила подалеку од Детското одморалиште и да пешачат и до 2–3 километри.Особено впечатлива беше глетката со бројните семејства со мали деца и бебиња во колички, кои пешачеа до Инфо-центарот. Иако делумно уморни сите уживаа во чистиот планински воздух, за разлика од маглата во Битола.За денешниот настан, директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, истакна дека ваквите манифестации имаат значајна улога во промоцијата на паркот и локалната заедница:-Оваа година имаме околу 30 учесници, меѓу кои локални угостители, хотели, производители на храна и пијалоци, како и други правни лица кои нудат алтернативна туристичка понуда. Целта е да се зајакне локалната економија и да се промовира Пелистер како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата година. Посетителите имаат можност да уживаат во автентични локални вкусови, традиционални производи и празнична атмосфера, што уште еднаш го потврдува значењето на ваквите настани за развојот на туризмот и промоцијата на регионот, изјави директорот на Националниот парк “Пелистер“ – Иванчо Тошевски.Настанот е со поддршка на Општина Битола, со цел на едно место да се обединат и промовираат туристичките потенцијали на поширокиот регион, присутен беше градоначалникот на Битола – Тони Коњановски и претседателот на Советот на Општина Битола – Бојан Бојковски.-Денеска по втор пат за една години Инфо центарот на Пелистер заживува со својот сјај и на јавноста и ја претставува целата туристичка понуда. Ова е регионален собир бидејќи освен битолчани, тука се добронамерници од Преспа, од Демир Хисар, Струга, Скопје… производители на традиционална храна и специјалитети. Тука сме на 14 километри од градот и на 1.400 метри надморска височина, како вистинска туристичка атракција. Битола не е само град на културата, град на уметноста… таа е мултикултурен центар и центар со бренд бидејќи името Пелистер за сите значи многу. Овој настан е значаен за “Зимска приказна“ и се надевам дека конечно Пелистер го добива своето значење како прв национален парк во Македонија. Слушате дека сите кои дојдени денес на Пелистер ги завидуваат на Пелистер, тоа да биде мотив повеќе да го цениме овој природен бисер кој го имаме, рече Коњановски.“Вкусот на Пелистер“ беше содржан во разновидната понуда, а настанот обедини локални производители, авантуристички клубови, хотели и туристички агенции, нудејќи уникатно искуство за посетителите.

Музичката програма со настапот на битолчанката Тамара Стојковска донесе дополнителна празнична енергија во планинската атмосфера заедно со DJ SVABA и FUNKD UP.Особено интересен момент беше лотаријата, која на хумористичен и оригинален начин ја водеше актерот Никола Пројчевски.Наградите вклучуваа бројни атрактивни понуди од спонзорите, а средствата од наградната игра беа наменети за хуманитарни цели – уште една потврда за заедничката грижа за заедницата.Ова беше првиот од вкупно три настани на Пелистер кои влегоа во програмата на “Зимската приказна“ која продолжува и над градот.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »