Вечерва во Мала сала на НУ „Завод и музеј“- Битола се одржа настан со кој беше одбележано свеченото отворање на „Спомен-собата на Кирил Македонски“, на кој присуствуваа членови на неговото семејство предводени од неговата ќерка Пламенка, градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, претставници на Министерството за култура и туризам и голем број на почитувачи на делото на Кирил Македонски и љубители на музиката.
Настанот започна со изведби на дела на Кирил Македонски кои ги изведоа хорот при Државно музичко училиште – Битола, солисти Ангел Кулески и Илијана Серафимова, а ги испеаја “Ми подари птицата песна“ и “Химна за Свети Климент“, под диригентство на Лилјана Трајковска – Димевски.
-Сите мои авторски права ги оставам на мојата единствена ќерка, Пламенка Македонска. Со нив да располага во текот на својот живот по слободна волја, а потоа да ги остави во наследство на своите деца. Сите мои уметнички, научни, литерални дела, ракописи и дела да ги чува и да не ги дава на никакви сегашни институции и поединци се додека не дојдат достојни луѓе за такви задачи. Ако има услови можи да направи од мојот кабинет и слично, на направи музеј со кој таа да управува и располага, стои во тестаментот на Кирил Македонски кој го остави во Скопје, во 1983 година.
А дали луѓето кои сега ја уредија спомен собата на Кирил Македонски во Завод и Музеј во Битола, како што и рече Зоран Николовски – раководител на проектот, останува да видиме, а сето тоа е направено по повод 100 години од раѓањето на маестро Македонски.
За делото на Кирил Македонски зборуваше д-р Маја Митровска која со многу емоции рече:
-Денес, овде, во срцето на Битола, градот на музиката, културата и духовноста – сме сведоци на значаен историски настан: отворањето на Спомен собата на великанот Кирил Македонски. Оваа спомен соба не е само простор. Таа е храм, храм на музиката, на духот и на човекот чи живот и дело се вградени во темелите на македонската уметност. Во секој експонат, секоа партитура и фотографија живее живот целосно посветен на творењето. Денес не се сеќаваме со тага, туку со гордост и благодарност, затоа што Кирил Македонски не беше само композитор – тој беше мисионер на звукот, творец на идентитет и вдахновител на генерации.
Кирил Македонски е роден во Битола, во 1925 година, тој уште како дете ги слушал звуците на градот, реката, чаршијата, Широк Сокак, виолината во своите раце. Од тие звуци се роди патот што ја издигна македонската музика до светските сцени. Од Битола и Скопје, преку Загреб, Сараево и Љубљана, па се до Варшава и Дармштат, Кирил Македонски го носеше духот на Македонија како светлина.
-Пред половина година, кога започнав да работам на неговиот легат, не бев свесна за длабочината на оваа оставнина, музичка, културна, но и национална и духовна. Секој документ и секоја партитура беа ново откровение. Овие неколку месеци кога работев во две институции подеднакво, товарот беше голем, но денес знам, вредеше. За мене, професионално, ова е нависокото достигнуване, момент кога љубовта кон уметноста, историјата и Македонија доби целосна смисла. “Гоце“, првата македонска опера, не е само музика – таа е повик на слобода. Таа беше и моја лична слобода, во мигот кога академик Георги Здравев ми ги подари партитурите и ми остави аманет да jа пеам Jана од “Гоце“ и тогаш започна се, рече Митровска.
Ќерката Пламенка Македонска и семејството на Македонски заедно со Национална Установа Завод и музеј – Битола, и директорката Маргарета Спасов, архитектот Зоран Николовски и Ирена Ружин вложија знаене, труд и душа, а ова да биде вечен дом на неговото дело, а за нас – светилник кон возвишеноста.
Пред присутните се обратија и Марија Станчевска Ѓоргова, државен секретар која нагласи:
-Собрани сме да му оддаде достојна почит на човекот кој го постави темелот на нашата национална музичка традиција, авторот на првата опера “Гоце“ која е симбол на нашето културно будење создадено во тешки услови, но со непоколеблива љубов кон македонскиот дух. Денес го оживуваме неговото наследство, неговата музика продолжува да не инспирира, да не обединува и да не потсетува на македонскиот сила на македонскиот творечки дух.
Зоран Николовски, раководител на проектот во своето обраќање рече:
-Ова што вечерва го чувствувам е немир, бидејќи одбележуваме 100 години од раѓањето на неповторливиот композитор, Кирил Македонски. Немир ми прави и еден епитет во тестаментот на Македонски, а тоа е: ако се појават достојни луѓе, јас се надевам и така работев овие изминати месеци, за да го заслужам овој епитет, а се надевам дека сите ќе се гордееме со спомен собата.
Директорката на Завод и музеј Битола, Маргарита Спасов, нагласи:
-Особена чест и задоволство на сите нас, е тоа што оставштината на еден великан, битолчанецот Кирил Македонски ќе остане во нашата институција за идните генерации. Сакам да искажам благодарност до нашиот тим кој ја подготви спомен собата, и секако до семејството на Кирил Македонски беа кои ова немаше да се случи.
Ќерката на Кирил Македонски, Пламенка Македонска, во своето обраќање до присутните рече:
-Сите заедно сме сведоци на еден проектот кој сега се затвори. Но, да потсетам работеа луѓе, посебно Николовски, почуствував доверба, како и со Ирена Рижин, моја внука. После четири децении интуицијата за почетокот на тестаментот. Четири децении размислувам со кого да го споделам тој материјал, каде и со кого, затоа што тој не мој матријал, а тој ми го остави во наследсво, а нашата цела македонска јавност има право да го види тој материјал, но и новите генерации, што овој човек во 59 години создал, како за неколку животи. Не се работи само за обичен проект, а во споме собата видов голема љубов кој е вткаена од сите што беа вклучни во проектот.
Градоначаникот на Битола, Тони Коњановски, како и останатите доби оригинален плакат од 1968 година, а заблагодарувајќи се рече:
-Се заблагодарувам во мое име и во име на градот и граѓаните за тоа што ни оставате во Битола. Битола, домот на Кирил Македонски, ја има таа чест да има уште една спомен соба и да им прикаже на светот што Македонија и што Битола има како огромно културно богатство.
Со Кирил Македонски историјата на Македонија доби целосна смисла. „Гоце”, првата македонска опера, не е само музика – таа е повик на слобода, беше речено на отворањето на спомен собата.
Игор Дурловски – бас ја исполни “Аријата на Самоил“ од операта “Цар Самоил“, во пијано придружба на Јана Четелова – Белевска и хорот на Државното музичко училиште.
Арија на Јана од операта “Гоце“ испеа Маја Митровска – сопран заедно со Илијана Серафимова (мајката- и Јана Четелева Белевска на пијано.
“Во чест на господинот Молиер“ – праизвеба исполнија Татјана Петрушевска – обоа и Марјан Милошевски – фагот, а печатените први партитури им ги подарија на Пламенка Македонска.
Текст и фото: Сашо Ристевски






