Press "Enter" to skip to content

Трговските објекти на Широк Сокак во Битола ќе работаат во недела и празници

Култната улица во Битола – Широк Сокак, со својот уникатен спој на староградски шарм и модерна енергија, останува главната точка на интерес за секој турист.

За да се овозможи целосно уживање во убавините на градот, Општина Битола во соработка со Министерството за култура и туризам, а согласно законската регулатива, воведува новини кои дополнително ќе ја зголемат неговата привлечност и функционалност.

Со цел да се одговори на потребите на бројните туристички групи кои го посетуваат градот за време на викендите и празниците, се овозможува непречена работа на трговските објекти во најфреквентните зони, дефинирани како туристичко-културолошка атракција.

Ова значи дека сите трговски објекти лоцирани на Широк Сокак сега ќе можат да ги услужуваат посетителите и во недела и за време на празници, нудејќи им можност за купување и на автентични сувенири во секое време.

Оваа потреба е поддржана со законските регулативи и известувањата од Министерството за култура и туризам, според кои Широк Сокак и Старата битолска чаршија се дефинирани како значајни туристичко-културолошки атракции. Како дел од заштитеното старо градско јадро, овие локации имаат статус на туристички места од висок ранг, што овозможува исклучоци во трговската дејност во корист на развојот на локалниот туризам.

Битола, продолжува да ја зацврстува својата позиција како врвна туристичка дестинација, нудејќи им на посетителите незаборавно искуство низ вековната историја и автентичната архитектура.

More from ВестиMore posts in Вести »