Директорот на ЈП “Вододов“ од Битола Андреј Гинов вели дека 2024 година јавното претпријатие ја заврши со загуба од 61 милион денари.
-Вкупните приходи за 2024 година се 284 милиони денари, а вкупните расходи се 346 милони денари што продуцира загуба од околу 61 милион денари. Ако се земат во предвид само неколку ставки на расходи и приходи ќе се види јасно зошто е тоа така. Вкупен приход од наплата на вода од правни и физички лица е 262 милиони денари, а од останатата реализација околу 22 милиони денари, додека расходите по само три основи и тоа електрична енергија 43 милиони денари, сирова вода кон хидро системот „Стрежево“ поради сушното лето во 2024 година е 50 милиони денари и трошоците за плати за вработените изнесуваат 148 милиони денари што дава вкупен расход кога се додава и ДДВ по овие три ставки е 280 милиони денари. Ова покажува дека целокупниот приход при висока наплата на сметки од околу 95% е близу вкупниот расход за овие три ставки, објаснува Гинов.
Понатаму се прави споредба со претходните години, за како што велат сликата да биде појасна.
-Само за илустрација би направиле уште две споредби и тоа во 2021 година во претпријатието имаше вкупно 227 вработени, а трошокот за плати изнесуваше 107 милиони денари, за разлика од 2024 година со вкупно 205 вработен, а тоа е 22 вработени помалку изнесуваше 148 милиони денари, што е за 41 милион денари повеќе при значително помал број на вработени. Во 2025 година имаме уште едно покачување на платите согласно зголемувањето на минималната плата во државата за истите овие 205 вработени платата изнесува 158 милиони денари или 10 милиони повеќе во споредба со претходната 2024 година или во споредба со платата од 2019 до 2025 година. Бруто-платата се зголемила за 62 милиони денари, вели директорот на битолски „Водовод“.
Според него загубата најмногу се должи на високата цена на електричната енергија и исплатата на сирова вода кон хидро системот „Стрежево“.
-Во минатото „Водовод“ работело само на поправки на дефекти, но немале толку високи сметки за електрична енергија, за испумпување вода од хидро-системот „Стрежево“ и за други репроматеријали кои се поскапени и над 100%. Поради тоа, „Водовод“ во соработка со Општината во 2025 година направи повеќе од 7 км нова водоводна мрежа во вредност од 40 милиони денари, а во 2026 година ќе работиме на повеќе од 14 проекти во вредност од некаде 65 милиони денари. Се ова го правиме за дополнителен приход и нормално функционирање на претпријатието и со тоа да ја намалуваме загубата, истакнува Гинов.
Исто така информира дека изработиле проект за фотоволтаици и аплицира на проект со Швајцарска амбасада за кој потпиша договор за поставување на фотоволтаици на сите објекти на стопанскиот двор и со тоа ќе се намалат трошоците за електрична енергија.
-„Водовод“ изработи проект за нов потисен цевковод со кој во летниот период ќе може да испумпува повеќе вода од хидро системот „Стрежево“ и проблемите со притисокот на водата во летниот период на одредени места ќе биде регулиран и со тоа ќе бидат намалени загубите на вода, а водоснабдувањето ќе се одвива непречено. Со овој потисен цевковод ќе се замени стариот цевковод од Ф700 на нов Ф800 што ќе може да се испумпува повеќе вода и водоснабдувањето во градот во наредните 50 години ќе се одвива непречено, вели директорот Гинов.






