Денес на пладне платото кај Офицерски дом во Битола во рамките на Зимската приказна се случи “Гимназиска зимска приказна 4“ на гимназијалци од гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола, а се пулсираше во ритамот на младоста.
“Во светот на музиката, секој акорд е топлина што ги загрева зимските денови“ беше мотото на “Гимназиска зимска приказна 4“, а музиката на гимназијалците го наполни платото пред Офицерскиот дом.
Настапија гимназијалци кои имаат музички афинитети под менторство на својот професор Владко Симоновски, кои на сцената донесоа младинска енергија, одлична атмосфера и публика што уживаше од првата до последната нота, со музичко патување заедно со хорот и бендот на Горната гимназија.
На отворањето на “Гимназиска зимска приказна 4“ зборуваше директорката на Гимназијата – Лидија Споа која рече:
-Денес сме заедно на Зимската приказна со предновогодишна еуфорија, со желба да ги слушнеме нашите гимназијалци и да ја почувствуваме силата на гимназијалската емоција – онаа искрена, млада и моќна енергија што секогаш знае да допре до секое срце и да измами искрени насмевки. Од различни области, остварувајќи се во својот максимум и бројност, учениците потврдуваат дека поврзувањето е темелот врз кој се градат растот, развојот и напредокот на секој човек. Нашите ученици освоија бројни награди на општинско, државно и регионално ниво, со што достоинствено ја претставија нашата гимназија. По тој повод, сакам искрено да им се заблагодарам во мое лично име и во името на целиот колектив.
-Годината не е само обична за нас, затоа што ја одбележуваме јубилејната – 80 години од наставата по современ македонски јазик. По тој повод беа реализирани два филма: „Прекршени времиња“ и „Неговиот глас“, како и две театарски претстави: „Експериментум Македоникум“ и „Слово љубве“, во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Дополнително, оваа година гимназијата го доби престижното признание Label France Éducation, како и признанија од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, додаде Споа.
-Почитувани, ви посакувам пријатен и успешен завршеток на оваа година и од срце ви ја честитам Новата 2026 година. Ви посакувам добро здравје, среќа и бесконечна надеж, затоа што надежта е движечка сила што ја зајакнува вербата во човештвото, рече на крај директорката Лидија Споа.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






