На првиот ден на Христовото раѓање, Божик, вторник, 7 јануари, 2026 година, во црквата “Света Недела“ во Битола старешинината протоерејот Никола Неделковски, отец Љупчо Атанасов и ѓаконот Михаил Атанасов, одржаа света Божествена литургија.
Посебна радост за свештениците и за верниците беше тоа што на Светата литургија присуствуваа голем број на верници, посебно млада популација, кои кои претежно живеат во овој дел на градот, а и присутни беа и други кои беа дојдени во црквата од другите делови на Битола.
Протоерејот Никола Неделковски го прочита пред присутните и Посланието на Владиката Петар, каде беа посочени актуелните проблеми на денешницата, а тука беше речено за работите кои не одвраќаат од Верата, а тоа се прави на разни начини.
-Денес времето не тече, туку стои во свештен трепет. Денес вековите ja губат смислата на постоењето, затоа што во нивната средина, во полнотата на времињата, влегува Оној што е над времето. Денес – Бог станува Човек. И тоа не како мит, не како човечка фантазија, туку како реалност што го крева целиот космос од падот. Тоа е настан кој ги разделува вековите: сè пред е Него е очекување,а сè после Него е остварување, беше прочитано од Посланието.
Протоерејот Никола Неделковски ја кажа и молитвата за Светата Причест, а потоа со причесна ги послужија верниците кои ги одржаа Божиките пости. На крајот од службата присутните беа послужени и со нафора, за нивно здравје и на нивните блиски.
-Ме радува тоа што денес има најмногу верници во црквата. Има многу деца, а секако нив го донесоа нивните родители, баби и дедовци, што е за поздраваување. Инаку, денес е голем ден, го славиме Христовото раѓање. Јас сум тука редовно, посебно на Божик бидејќи ми е куќна слава, а ќе “кренам“ и лепче за здравје за нашата денешна слава. Редовно ја слушам Божикната литургија, а се и во наредните денови ќе доаѓам. Нека дојдат сите, нека не седат дома, нека дојдат во црките, да слушаат литургии и да се помолат за прво за здравје на сите и за спасение на сите, ни рече Горан.
Богослужби во црквата “Света Недела“ ќе се изведуваат и наредните денови, а свештениците ги поканија верниците да присуствуваат на сите, за заедно да го слават Христовото раѓање.
На верниците, свештениците им порачаа дека на овие денови се слави Христовото раѓање, а не смрта и воскреснувањето, па затоа не треба да се посетуваат гробовите на мртвите. Но, најголем број на битолчани денес се упатија кон гробовите на своите најблиски.
Верниците кои за куќна слава го имаат Божик по завршувањето на Службата “кренаа лепче“ за здравје.
Текст и фото: С.Ристевски






