Жанета Ристевска
Пред Божик, зад Божик – каде и да си, дома да си… и срцето нека те води кон Битола, а магична атмосфера во домовите во Битола насекаде… Уште од дамнина се почитувало ова правило дека најдобро и најубаво за Божик е да си дома со семејството, бидејќи магијата на Новогодишните и Божикните празници најпрекрасно се доживува и чувствува во домот и семејството. Во битолските домови овие денови светлината трепка посебно. Елките се украсени со љубов, божикните мелодии тивко се разлеваат низ собите, а бајките оживуваат во очите на децата. Се доловува оваа бајка во секој топол дом, со голема љубов и внимание. Со тоа на непосреден начин ја развиваат нивната фанатазија, но и почитување на големите верски празници. Тука, во овој мал, но бескрајно топол свет, децата учат за добро -лошо, правилно – неправилно, праведно- неправедно… и доброто секогаш победува, а обичаите за празниците Коледе, Бадник, Божик, но и другите празници кои доаѓаат Св. Василиј, Водици се учат со срце, не со зборови.
Нашите битолчани ги слават Божикните празници кои носат посебна магија. Тоа се денови кога времето застанува, а срцата се полнат со љубов, благодарност и заедништво, а ви ги пренесуваме по азбучен ред на нашите сограѓанки на кои им се заблагодаруваме за соработката со нас.
Семејство на Ана Вангелов
-Бадник и Божик – се празници на домот, семејството и светлината во срцето, Бадник и Божик со векови се меѓу најдлабоко вкоренетите празници во нашата традиција, а народната изрека „Кај и да си за Бадник и Божик, дома да си“ најдобро ја отсликува нивната суштина.
Овие денови се симбол на семејната сплотеност и љубов, денови кога се најпотребни мир и спокојство меѓу луѓето. Денови кога позитивната мисла и дух се насекаде околу нас. Нашите Тео и Сташа се оние кој најмногу се радуваат на овие празнци, се радуваат на новогодишната елка но и на она што најмногу го чекаат новогодишните, божиќните поклони од Дедо мраз. Но што е најважно, празниците се за создавање убави спомени што децата ќе ги негуваат откако ќе пораснат.
На крај сакаме да Ви посакаме, овој Божик, Ви биде исполнет со радост, среќа и многу славје. Од сè срце Ви посакуваме добро здравје. Нека Божјата мудрост ве води и оживува. Среќен Божик!
Семејство на Александра Петревска
-По раѓањето на Јана во 2023 година и доаѓање на свет на нашата втора ќерка Јована во 2025 година, новогодишните и божиќни празници во нашиот дом имаат една друга димензија. Декорациите и замислите како да биде украсен домот не зависат многу од нас. Би рекле дека повеќе зависат од расположението на децата. Честопати знаат да “растурат” декорација или целосно да отфрлат некоја идеја. Тука посебно се истакнува Јана.

Се трудиме во рамките на православните обичаи да ги подучуваме за значењето на раѓањето Христово и големината на тој ден. Се уште се мали да разберат, но знаат да не изненадат со внимателното слушање на приказните кои им ги раскажуваме, а кои се однесуваат токму на Божиќ и на Нова Година.
Семејство на Виолета Ристевска – Лазиќ
Магијата на Божик не се мери со раскош, туку со топлината на домот, со мирисот на домашната трпеза, со прегратките и со искрените насмевки на најмалите. Во нашиот дом, Божик има посебна светлина – онаа што се раѓа од детската радост, од смеата на нашите близначки и од чувството дека токму во тие мигови ништо друго не е поважно освен тоа што сме заедно. За нас, Божик значи семејството да е на едно место, срцата да се смирени, а домот исполнет со љубов и тишина. Се собираме околу трпезата, ги негуваме старите обичаи и со многу љубов им ги пренесуваме на нашите деца приказните за тоа како сме празнувале ние, учејќи ги на благодарност, скромност и почит кон традицијата.

Божикните празници се денови кога времето како да застанува, а секој момент добива подлабока смисла. Тоа се мигови на благодарност за здравјето, за семејството и за малите чуда што секојдневно нè опкружуваат. Со детските очи полни љубопитност и со тивка радост во срцата, ја доживуваме вистинската магија на Божик. На сите им посакуваме овие свети денови да донесат мир во душата, љубов во домот и благослов во секое семејство. Нека Божикната светлина грее долго и нека радоста трае цела година.
Семејство на Елена Лубура
-Во нашиот дом, како и секоја година, не ги броиме деновите, туку насмевките што тивко се редат една по друга. Мирисот на топло какао, кафе и чај со домашни колачи, а во позадина тивките звуци од пијаното на Ника, ни го најавуваат најубавото време во годината – денови исполнети со радост, мир и смисла. Бадник за нас е празник на скромноста, тишината и љубовта, со посна трпеза и искрена молитва.
Го славиме според православните обичаи, а бадниковото лепче со паричка го месиме со посебна љубов, следејќи ја српската традиција на мојот сопруг Милан. Оваа година, според таткова традиција, среќата ја најде Ника, а радоста во нашиот дом се умножи. Со вера во Бога и благодарни срца, ја споделуваме божикната топлина и им посакуваме на сите мир, здравје и благословени празници.“
Семејство на Емилија Ралевска
“Ниту еден успех нема вистинска вредност ако нема со кого да го споделиш.“ Тој – фудбалски судија кој знае дека правдата не е секогаш лесна, но дека секогаш вреди да се бори за неа. Синот – дете од 10 години што учи дека и кога ќе згрешиш, љубовта никогаш не те напушта. Јас – мајка, економист и човек што верува дека најголемите вредности не се мерат со бројки, туку со големината на срцето. На теренот владеат правила.
Во нашето семејство — владее љубовта. Жолт картон за играта, утеха и насмевка за играчот – наш мал, но значаен семеен симбол. Така ги дочекуваме Бадник и Божиќ. Со хумор, со фер-плеј, со блискост и нежност што ги надминуваат линиите на било која игра. Со порака дека дисциплината и топлината не се спротивности, туку вредности што одат заедно.
Оваа фотографија не зборува само за жолт картон. Таа зборува за допирот што ја гаси сомнежната мисла, за гласот што тивко шепоти „сè е во ред“, за раката што те крева кога ќе се сопнеш. Не зборува за строгост. Зборува за сигурност. За домот каде што љубовта е секогаш присутна — особено во празничните денови. Семејството не е само местото каде што животот започнува — туку местото каде што секогаш можеш да се вратиш, да бидеш разбран, поддржан и љубен — без услови.
Семејството на Маја Нечевска – Ѓоргиовски
-Во овие свети денови се собираме како семејство, со благодарност за здравјето и за сè што го имаме. Домот ни е исполнет со светлина, молитва, а најголемата желба ни е оваа божикна топлина да ја понесеме со себе и во секојдневието. Божикните празници ги доживуваме како време кога срцата се отвораат, а домот станува место на спокој и надеж.
Со почит кон традицијата и со многу љубов, ги минуваме овие денови заедно, благодарни за секој момент поминат со најблиските. Нека радоста од Христовото раѓање донесе здравје, слога и топлина во секое семејство. Од срце им посакуваме среќен и благословен Божик.
Семејство на Наталија Драгарска – Чапачуловска
-Јануари е месец на празници, месец на кој сите се радуваме, месец кој не собира сите заедно и не потсетува дека најголемото богатство не се материјалните нешта, туку луѓето со кои го делиме животот. Божик во едно семејство не е само празник туку потсетник на суштинските вредности. Тоа е празник кога се пренесуваат традициите, се создаваат спомени и се зацврстува семејната врска. Празничното украсување во нашиот дом е неизбежно и започнува уште од самиот почеток на декември. Китењето на елката и сијаличките се украс кој дополнително прават да се почуствува празничниот дух.
Дочекот на новата година како и Божик оваа година во нашето семејство доби ново подлабоко значење. Со доаѓањето на нашата Јоана изминатата година, празникот стана симбол на живот, надеж и чиста љубов. Првиот Божик со неа не потсетува што значи вистинското богатство а тоа е топол дом, срца исполнети со љубов и едно мало суштество кое не научи да сакаме уште посилно. За крај би посакала на секој еден на овој свет овој празник да му биде почеток на живот исполнет со здравје, мир, љубов и насмевки.
Семејство на Христина Поповска
За нас, Божиќ и празниците секоја година изгледаат како најубав цртан филм во кој главните јунаци се нашите деца, Михаил и Христијан. Ние, како родители, ја чувствуваме оваа празнична магија како сцени исполнети со светлина, смеа и семејна љубов. Кога ги гледаме како стојат покрај елката со блескави очи, ни се чини како да гледаме цртан филм во кој снегот тивко паѓа, ѕвездите посилно светат, а домот се исполнува со мир и топлина. Михаил е како храбриот јунак што верува во чудата на празниците, а Христијан е нежната искра што со секоја насмевка додава ново парче радост во нашето семејство.
За нас, Божиќ не е само празник, туку момент кога куќата се претвора во жива приказна. Мирисот на празниците, детската смеа и прегратките што ги делиме се нашата највистинска магија. Тоа не е сцена од цртан филм, тоа е нашата реалност исполнета со љубов, близина и благодарност што сме заедно. Кога сме едни со други, чувствуваме дека нашето семејство е како најубавиот цртан, каде што најголемиот подарок не е под елката, туку во времето што го споделуваме со Михаил и Христијан. Божиќ и празниците нè учат да веруваме во чудата, во новите почетоци и во љубовта што нè обединува. Љубовта, семејството и празничната магија — тоа е нашата заедничка приказна.
Со позитивни мисли и чувствувајќи ја магијата на празниците низ фотографии можеме да се вратиме во нашето детство кога верувавме во бајки и Дедо Мраз. Но, зошто да не постојат и сега во нашиот свет на фантазии како возрасни личности, ако се чувствуваме добро во Новогодишно – божикната бајка на убаво и совршено, победа на доброто над злото, макар и во деновите за овие новогодишни празници. Сите сакаме да веруваме дека најголемата желба во Новата 2026 година, а тоа е победа на доброто над злото во светот ќе ни се исполни.






