Ана Талевска од Битола ја објави инструменталната оркестарска верзија на традиционалната божиќна песна „Рождество Твое, Христе Боже наш“, создадена како целосно авторски и продукциски проект под уметничкото име Ana Dušanka.
Станува збор за целосно инструментална, оркестарска интерпретација, во која традиционалната духовна мелодија добива нов, покинематографски израз, притоа задржувајќи го духовниот карактер на оригиналот. Аранжманот и продукцијата се дело на самата авторка, а снимката е реализирана во нејзиното студио Sound Pill Records.
Ова издание претставува прво објавено дело под името Ana Dušanka – авторски проект преку кој Ана Талевска ќе објавува инструментална и оркестарска музика, паралелно со нејзината работа како композитор и музички продуцент под сопственото име.
Во текот на 2026 година, Ана Талевска планира да го објави својот деби албум со целосно авторска музика и продукција, потпишан под името Ана Талевска, додека проектот Ana Dušanka ќе продолжи да се развива преку поединечни инструментални изданија и тематски композиции.
Покрај новото музичко издание, Sound Pill Records неодамна се пресели во нова локација во центарот на Битола. Студиото е надградено со нови инструменти и современа аудио техника, а моментално се работи и на професионален акустичен третман, со цел да се создадат оптимални и целосно професионални услови за снимање и продукција. Во рамки на Sound Pill Records, Ана Талевска работи на компонирање на авторска музика, аранжирање и целосна музичка продукција, како за сопствени проекти, така и за артисти и клиенти од земјата и странство.
Иако и понатаму соработува со клиенти од целиот свет, Ана Талевска со новото студио изразува и желба за поголема соработка со домашни артисти, нудејќи креативен и професионален простор за современа музичка продукција.











