Деновиве сме сведоци на безброј “вртења“ на парето во Битола, дома, на работа, со друшвото, со старото друштво, со новото, со другарите…, но, за жал има и друга страна, некои стари друштва кои се собирале и по 50 години на вечерта пред Василица се растураат.
Токму за тие кои веќе не се собираат, поради “илјадници“ причини се огласи нашиот сограѓанин Велчо Петровски – Папало, кој за тоа што останува да тлее во нас, наскоро со подготвува новиот текст и песната “Машка клетва“.
Ах, ах време минато…
Зарем не е грев да се откажа или заборави другарување
50 години за обичаи со парето и мазникот.
Но, нека му служи на чест на поединци,
тоа е новото време…
Вака започна Велчо Петровски – Папало за адетот кога за Стара Нова година се врти пара во мазник по повод верскиот празник Св. Василиј – Василица. Дури и во социјализмнот тој обичај беше почитуван кога вообичаено на 13 јануари спроти 14 се вртеше пара со друштво и потоа се играше карти, јамб… за ситни пари. На тој што ќе ја најдеше парата се сметаше дека ќе има среќа цела година, а исто и тој што ќе „заработеше“ во играта. Другиот ден секој си вртеше по дома во семејството. Вообичаено исти друштва со години си вртеа паре во Битола доаѓаа нови членови кога некој ќе се оженеше или омажеше. Тие друштва од тогаш години после тоа се собираа и вртеа. Во Битола често се знаеше кој со кој се собира заедно за „парето“.
За тој обичај Велчо со носталгија се потсетува и објаснува дека нивното друштво 50 години се собирале за вртење мазник со пара и додава:
-Василица некогаш мирисаше на мазник, на печка што тивко пука и на гласови што се преклопуваат. Мирисаше на луѓе. Во социјализмот немавме многу, но имавме причина да се собереме. Вртењето на мазникот со паре не беше суеверие, туку договор меѓу нас – дека и во тешка година ќе останеме заедно. Парето не носеше среќа само на оној што ќе го најдеше. Тоа беше момент на смеа, на задевање, на кратка надеж дека „ќе биде подобро“. Мазникот се вртеше на маса околу која сите имаа место. Никој не прашуваше кој што има, кој каде работи, кој за кого гласа, тие поделби дојдоа подоцна.
Денес, Василица за некои, ќе помине тивко. Мазник има, ама нема кој да го врти. Старото друштво се распадна… Не нè растури сиромаштијата, туку комодитетот. Не нè раздели идеологија, туку рамнодушност. Секој си најде изговор – умор, обврски, „друг пат“. А „друг пат“ ретко доаѓа.
-Како човек, ме боли откажувањето од вртењето на мазникот после 50 години не затоа што е обичај, туку затоа што е знак дека се откажуваме едни од други. Кога ќе се откажеш од масата, се откажуваш и од разговорот. А кога ќе снема разговор, сè друго лесно се губи. Ова не е „плач“ по социјализмот, туку критика на сегашноста. Тогаш системот беше строг, понекогаш неправеден, но луѓето знаеја дека без другиот не можеш. Денес живееме во време на слобода, а се однесуваме како да сме заробени во сопствените удобни кавези. Ги заменивме адетите со објави, средбите со пораки, а заедништвото со празни честитки.
Можеби не можеме да го вратиме старото друштво. Можеби не сите ќе се појават. Но ако целосно се откажеме од тие мали, човечки ритуали, тогаш не губиме само еден адет – губиме доказ дека сè уште знаеме да бидеме заедно.
Василица без мазник е само датум. Василица без друштво е пораз.
Жанета Ристевска






