Пелистер – Работнички 88:85
Кошаркарите на Пелистер вечерва во Битола триумфално ја стартуваа новата календарска година откако на домашен терен славеа над Работнички со резултат 88:85.
Гостите изненадија со добра игра и покрај сериозната криза во која се наоѓа клубот, но Пелистер покажа квалитет и искуство, го издржа притисокот во самата завршница и заслужено стигна до победата.
Дуелот почна со неефикасна игра, во која подобро се снајдоа гостите од Скопје кои по четири минути игра водеа со 5:7, нешто подоцна и со 5:10. Вилсон погоди значајна тројка, по него прецизен од далечина беше и Брејси Дејвис, па “пелистерци“ набрзина го свртеа резултатот во своја полза. Битолчани имаа најубедливи 23:17 во првата четвртина, но овој период сепак заврши со 23:20 по тројката на Стојановски.
Втората четвртина ја отворивме со пет поени во низа на Андреј Митревски, а кога во ритам влезе и Малешевиќ предноста скокна на девет поени (39:30). Следеше неочекуван камбек на гостите, кои за само неколку минути поведоа со 41:42, по што Пелистер едвај замина на одмор со позитива (47:44) по тројката на Лука Стојановски и цепелинот на Вилсон.
Третиот период почна со тројка на Ефремовски за израмнување на 47:47, но Пелистер одговори со четири поени во низа на Брејси Дејвис. „Зелено-белите“ имаа контрола над резултатот (60:55 преку Стајиќ), но не успеваше целосно да се одлепи и да создаде посериозна разлика. Дуелот беше во егал до 62:62, по што Пелистер подобро ја финишира четвртината и во последните десет минути влезе со водство од 71:65.
Последната четвртина почна со серија грешки и промашени шутеви на двете страни, по што тренерот Даскаловски побара тајмаут на шест минути до крајот, при предност на Пелистер од 76:70.

Следеше забивање на Брејси Дејвис за 78:70, но веднаш потоа и нова мини-серија на гостите и намалување на 80:79, за Даскаловски да биде приморан да земе нов тајмаут на минута и пол до крајот, при само еден поен предност за Пелистер (84:83).
Малешевиќ постигна клучна тројка, на спротивната страна техничка грешка за „флопинг“ доби Ефремовски, по што битолчани рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 88:85 со поените на Робев, откако претходно домашните кошаркари промашија три слободни фрлања во последните петнаесетина секунди.
Брејси Дејвис со 25 поени и 9 скокови беше клучна фигура во таборот на Пелистер, 21 имаше Малешевиќ, Андреј Митревски реализираше 15 поени, додека Стајиќ имаше 12 поени и пет украдени топки.
Фото: Дамјана Ристевска – Сашо Ристевски











