Press "Enter" to skip to content

Пораст на запишани магистранти на УКЛО Битола – комбинација на современи програми, посветеност и европски перспективи

Академското семејство на Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола е побогато за 219 студенти запишани на магистерски и специјалистички студии. Според надлежните, овој резултат го потврдува континуираниот раст на интересот за втор циклус студии, што резултира со константен пораст на бројот на новозапишани студенти.  За УКЛО, овој позитивен тренд е резултат на неколку клучни фактори: современите студиски програми, високиот квалитет на наставата и соработката со студентите, зголемените можности за научноистражувачка работа и професионален развој  при што, значајна улога има и вклученоста на Универзитетот во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, која отвора нови академски можности. 

Проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р Цветко Андреески во врска со атрактивноста на магистерските и специјалистичките студии  на УКЛО оценувa дека тоа е резултата на  комбинација од квалитетна настава и посветена работа со студентите, актуелни знаења  и европските перспективи благодарение на членството во Алијансата КОЛОРС. Тој посочува дека –   Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во изминатиот тригодишен период бележи значителен пораст на бројот на студенти запишани на втор циклус студии. Според официјалните податоци, во академската 2023/2024 година на сите единици на универзитетот биле запишани вкупно 167 студенти, додека во академската 2025/2026 година нивниот број достигнува 219, што претставува зголемување од над 30% во период од две години. Најголем интерес е евидентиран кај Факултетот за информатички и комуникациски технологии, Економскиот факултет, Факултетот за туризам и угостителство, Педагошкиот факултет – Битола и Факултетот за биотехнички науки. Причините за ваквиот тренд на раст се повеќеслојни. Прво, посветената работа со студентите од прв циклус студии и систематското презентирање на предностите од продолжување на образованието на втор циклус се покажале како клучен фактор, особено кај студентите со високи академски постигнувања. Второ, кај техничките факултети значајна улога има акредитацијата на нови и современи студиски програми, кои нудат актуелни знаења и компетенции неопходни за унапредување на професионалните вештини. Трето, учеството во меѓународниот проект Colours обезбедува дополнителна мотивација, овозможувајќи им на студентите да искусат отвореност на високото образование, како и можности за соработка и интеркултурна комуникација со студенти и наставници од универзитетите членки на алијансата.

Очекувањата се дека позитивниот тренд ќе продолжи и во наредниот период. Универзитетот континуирано ќе обезбедува нови можности за проширување и валоризација на стекнатите знаења и вештини. Дополнително, со имплементацијата на новиот Закон за високо образование се предвидува поедноставување на процедурите за креирање заеднички студиски програми и програми со двојна диплома. Ова ќе им овозможи на студентите дел од студиите да ги реализираат на други универзитети, со што ќе стекнат нови знаења и искуства во различни академски средини.

Вложувањето во знаење претставува најзначајна и најдолгорочна инвестиција за младите генерации, која обезбедува личен и професионален развој, но и поширок општествен напредок.