Press "Enter" to skip to content

Стајиќ: Победуваме, но знаеме дека можеме подобро… Да го покажеме тоа со Маџари

Кошаркариите на Пелистер од Битола триумфално влегоа во 2026 година, славејќи најпрвин против Работнички во Битола , а потоа и на жешкиот терен во Чаир.

Еден од најзаслужните за добрата форма на тимот е искусниот Бобан Стајиќ, кој јасно става до знаење дека очекува уште подобри партии на Пелистер во периодот што следи.

Првиот нареден предизвик е вечерашниот дуел на гостински терен против Маџари (20:30 часот), на кој избраниците на тренерот Даскаловски повторно се среќаваат со тим што се наоѓа во одлична форма и има пет победи во последните шест суперлигашки рунди.

-Ова е натпревар што е многу важен за нас, дефинитивно сакаме да продолжиме со успешните резултати од стартот на годината. Маџари е тим што игра квалитетно, а клучно за нас ќе биде да ја исконтролираме брзата игра на противникот и да сме стабилни во рекетот кога станува збор за скок-играта. Ако успееме во тоа, големи се шансите дека ќе се радуваме на крајот, истакнува Стајиќ.

Без оглед на се подобрата форма на тимот, искусниот плејмејкер верува дека Пелистер може да игра уште поквалитетно во периодот што следи.

-Секако дека сме задоволни затоа што славевме на првите средби, но верувам дека ова не е најдоброто од Пелистер. Иако имаме стопроценетен ефект во 2026, сите сме свесни дека можеме да играме многу подобро, пред се во одбраната која не ни е на посакуваното ниво. Токму тоа ќе биде клучно за мечот со Маџари, мораме да играме подобра одбрана за да стигнеме до нова победа, порачува Бобан Стајиќ.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »