Press "Enter" to skip to content

Вилсон: Пелистер оди по нова победа

Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола одлично ја почна новата календарска година, со три победи над скопски ривали (Работнички, Чаир и Маџари). Серијата дуели продолжува веќе в сабота, во 17 часот со ново гостување во салата во која пред неколку дена беше совладан тимот на Маџари.

Противник на тимот на Боро Даскаловски ќе биде Феникс, тим што има млади и перспективни играчи во своите редови, а квалитетот го покажа во минатото коло кога го совлада тимот на Куманово.

Центарот Ленгстон Вилсон е задоволен од растот на формата на целата екипа, тренд што очекува да продолжи и на претстојниот дуел со Феникс.

-Феникс е квалитетен противник, можевме да го видиме тоа на дуелот со Куманово што го играа непосредно пред нас во истата сала. Играат со интензитет, главен квалитет им е бековската линија и тоа е она што ќе треба да го запреме. Веруваме дека можеме до нова победа. Задоволни сме од нашата форма од продолжението на сезоната, клучниот напредок го имавме со движењето на топката, сега полесно создаваме чисти ситуации, со што ни се подобри и процентот на шут. Задоволни сме, но знаеме и дека можеме уште подобро, на последните средби им дозволувавме на противниците низа лесни поени, тоа е нешто на што работиме и што сум убеден дека ќе го подобриме во наредниот период, истакнува Вилсон во пресрет на саботниот дуел.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »