-На почетокот на 2016 година, во овој период, вниманието на јавноста во Битола го имаше малиот битолски ликовен талент, Науме Михајловски, кој освои пет светски награди, како член на Детското ликовно студио со кое раководеше искусниот ликовен педагог, уметник и основач на Малиот битолски Монмартр, Коста Хаџиантоновски, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.
Коста Хаџиантоновски оцени дека се работи за исклучително надарен ликовен талент и само што го видел цртежот на манастирот “Св. Јован Бигорски“ аботен со молив и туш, го покани малиот Наумче во неговото Детско ликовно студио “Кирил и Методиј“ во 2013 година, а потоа со своите цртежи работени во најголем број случаи со молив, туш и пастелни бои почна да жнее успеси.
Науме стана колекционер на престижни ликовни награди, не само на конкурсите во нашата држава, туку и на престижните ликовни колонии во светот: Хонг Хонг, Кина, Јапонија, Индија, Португалија, Полска и буквално не знае колку награди има освоено.
-Црквите и манастирите се мојата инспирација. Кога имав само три години со моите родители често пати ги посетувавме македонските манастири. Оттогаш тие постојано ме
привлекуваат да ги сликам, ќе каже тогаш, малиот Наумче, ученик во 6 одделение при ОУ “Тодор Ангелевски“ и се воодушевувал на манастирите “Св. Јован Бигорски“ и “Јоаким Осоговски“, а цртањето и сликањето го наследил како што вели од својот дедо и татко, кој е свештено лице и кои исто така биле талентирани уметници.
Уште кога со својот прв цртеж, кој носел наслов “Таа мајка, тие очи“ ја освои првата награда во Хонг Хонг има освоено уште бројни други награди и признанија, а во 2015 година освои 5 златни медали. Науме во Јапонија ја доби наградата на министерот за УНЕСКО на Јапонија, на биенале на кое учествуваа преку стотина земји со преку 40.000 цртежи.











