Во категоријата “зелен тенис“ за деца до 11 години, младиот тениски талент од Битола Симеон Мицковски (10) викендов триумфираше во Скопје, освојувајќи го пехарот на зимското првенство организирано од тенискиот клуб Мондано.
-Задоволен сум од настапите и победите што ги имав над моите противници, особено во финалниот меч кој го добив убедливо – изјави Симеон Мицковски.
Во својата тенисерка кариера младиот Симеон е освојувач на дваесетина пехари за остварени први места на бројни турнири во нашата земја меѓу кои во Охрид, Битола, Кавадарци, Прилеп, Велес, Скопје, организирани од Тениската федерација на Македонија.
Младиот тениски талент, со голема поддршка од неговите родители тренира од неполна 5-годишна возраст, три пати неделно, а честопати и повеќе пати, особено пред натпревари и турнири.
-Иако сум од Битола, настапувам за клубот “Мак тенис про“ од Скопје, а редовните тренинзи ги изведувам во покриен простор на поранешната фабрика “Битолатекс“ заедно со моите тренери Михаил Шундовски и Драган Думевски, а честопати како засилување како “противник“ го имам мојот татко со кого тренирам и по 2-3 часа – се пофали Симеон кому тениски идоли му се познатите шпанци Надал и Алкараз.
Овој млад битолски тениски талент е одличен ученик во четврто одделение во ОУ “Климент Охридски“ кој успева да украде време и за музика. Поточно, Симеон Мицковски воедно е и освојувач на неколку први места во пијано на меѓународни натпревари како претставник на Државното музичко училиште од Битола под менторство на проф. Цветанка Георгиева.
Мултиталентираниот Симеон Мицковски потврдува дека музиката и спортот, во случајот тенисот едноставно се надополнуваат и воедно се рецепт за успех.
С.Р.









