Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја започнува 2026 година со уште еден континуиран успех на меѓународната сцена. УКЛО, заедно со уште три македонски универзитети, е рангиран на престижната QS листа – најстарото и најреномирано рангирање на универзитети во западниот, евро-атлантски свет, во неодамна објавената европска листа за 2026 година.
Исто така, кон крајот на минатата година, УКЛО со два други македонски универзитети го зацврсти својот академски статус во можеби најрелевантното рангирање за македонски услови – Times Higher Education (THE) за 2026 година. Универзитетот е вклучен во две светски THE листи: глобалната ранг-листа и листата на влијание (THE Impact List).
Од УКЛО се истакнува дека глобалните универзитетски рангирања, како што се ARWU (Shanghai Ranking), QS World University Rankings и Times Higher Education, користат различни методологии и критериуми, со различни цели, при мерењето на перформансите на универзитетите.
ARWU се фокусира речиси исклучиво на научната извонредност преку индикатори како Нобелови награди, високоцитирани истражувачи и публикации во најпрестижни списанија. Овој модел природно ги фаворизира најголемите и најбогатите истражувачки универзитети, додека наставата, општественото влијание и регионалниот развој не се оценуваат, па затоа не секогаш ја прикажува реалната улога на универзитетите во помалите земји.
QS World University Rankings, пак, посебно ја нагласува меѓународната репутација, вработливоста на дипломираните студенти и интернационализацијата. Овој пристап е особено значаен за универзитетите кои развиваат меѓународна соработка, програми на странски јазици и академска мобилност – аспекти кои се клучни за институциите во Р.С. Македонија во контекст на европската интеграција.
Times Higher Education применува поцелосен и балансиран модел кој, покрај истражувањето и неговото влијание, ја вреднува и наставата, меѓународната ориентација и соработката со индустријата. Овој пристап ја прикажува современата европска визија за универзитетите како носители на знаење, иновации и регионален развој, во согласност со учеството на македонските универзитети во европските програми за истражување и иновации.
За универзитетите од регионот, особено оние кои активно учествуваат во програми како Horizon Europe или EIT, рангирањата на Times Higher Education и QS често нудат поцелосна, стратешки покорисна слика за нивните достигнувања од Shanghai Ranking.






