Од денес, 10 февруари 2026 година – АЛТА банка АД Битола официјално овозможи извршување и прием на SEPA кредитни трансфери, со што на своите клиенти им нуди побрзи, поекономични и стандардизирани плаќања во евра кон и од земјите членки на Единствената област за плаќања во евра (SEPA).
Со приклучувањето кон SEPA, АЛТА Банка се интегрира во европските платни шеми, овозможувајќи прекуграничните плаќања во евра да се извршуваат под исти услови како и домашните плаќања во рамките на SEPA зоната.
SEPA кредитните трансфери се карактеризираат со значително пониски трошоци во споредба со традиционалните меѓународни плаќања, побрза обработка, најдоцна до следниот работен ден, како и транспарентна структура на трошоци со примена на принципот SHA (поделени трошоци).
Услугата е наменета и за граѓани и за компании кои вршат плаќања во евра кон странство, при што овозможува поефикасен платен промет, подобра контрола и следење на трансакциите, како и усогласеност со европските платни стандарди.
SEPA кредитните трансфери во ALTA Банка се извршуваат во согласност со регулативата на Народната банка на Република Северна Македонија, правилата за девизно работење, како и прописите за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Со воведувањето на SEPA плаќањата, АЛТА Банка продолжува со унапредување на своите платежни услуги, нудејќи современи, сигурни и економични решенија во корист на своите клиенти и нивното деловно работење.






