Пелистер тргна со перфектни четири победи на првите четири средби во Суперлигата, што е одлична увертира за она што ја очекува екипата викендов – завршниот турнир од Купот на Македнија што од петок до недела ќе се одржува во Куманово.
„Зелено-белите“ за противник во четвртфиналето ќе го имаат домаќинот Куманово, ривал што веќе го победивме на гостински терен во првиот дел од сезоната.
Сепак, тренерот Даскаловски свесно ја препушта фаворитската улога на противникот, истовремено најавувајќи дека Пелистер ќе стори се за да слави во петок (19.30 часот) и да се пласира во полуфиналето.
-Големо задоволство е што сме денеска овде и воопшто дел од овој завршен турнир во Купот на Македонија. Пред нас е еден тежок натпревар во четвртфиналето, играме против домаќинот, тим што е составен од одлични поединци, врвен тренер и што ќе има голема поддршка од навивачите. Сето ова е голем предизвик за Пелистер, она што јас можам да го ветам на нашите навивачи е дека ќе се бориме буквално до последната секунда, изјави Даскаловски.
На денешната прес-конференција во Куманово од играчите на Пелистер присутен беше крилниот кошаркар Дамјан Крстевски.
-Пред нас е тежок куп-натпревар против екипата на Куманово на нивни терен. Знаеме каква публика има во Куманово, каква енергија ќе добијат домашните кошаркари од трибините. Сепак, ние ќе дојдеме добро подготвени за ова четвртфинале, ќе дадеме се од себе и очекувам ние да се радуваме на крајот, истакна Крстевски на денешната прес-конференција.










