Лозарите кои имаат свои лозја во Крклинско – Раштанскиот регион на Битола традиционално како и секоја година со зарежување на лозовите насади дебес, свечено на своите лозја, го одбележаа православниот христијански празник Свети Трифун.
-Нашата традиција за овој ден е славање на православниот празник Свети Трифун и затоа сме заедно тука на овој ден. Воедно немаме ништо против кои го слават Свети Валентин, ден на вљубените. Виното и љубовта одат заедно, па така според мене е добро кога луѓето нешто прославуваат и се дружат, порачаа лозарите од Битола кои тука имаа свои лозја.
И семејството Димовски од Битола, повеќе шеесетина години поседува лозје во атарот на село Раштани, денеска, како и сите години наназад, со зарежување на лозовите насади, свечено го одбележаа православниот, христијански, празник Свети Трифун.
На утринската посета на лозјето, овој пат Дејан Димовски го зарежа лозјето, а претходно во црква со татко му Иљо запалија свеќа и се помолија за здравје и родна година. Потоа од зарежаните прачки симболично “сплетија“ и крст кој го поставија на влезот во лозјето, а Иљо ги “направи“ сите адети.
По православниот адет, зарежување на лозјето, домаќините приредија ручек за пријателите кои секоја година доаѓаат во лозјето и им посакуваат ними, родна и успешна година, за околу 1.000 килограми грозје колку “тежи“ годишната берба.
-Се надевам дека и моите внуци ќе ја продолжат оваа традиција, а тие ќе бидат и новата генерација која не само ќе продолжат со одгледување на лозјето, туку и со оваа македонска, православна традиција во чест на светецот, заштитник на лозарите Св. Трифун, вели Иљо.
С. Ристевски






