Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: Самодоверба во култура на споредување, Зошто не се чувствуваме “доволно“ самоуверени?

Социјалните мрежи како “Instagram“, “TikTok“ и “Facebook“ ни нудат постојан увид во туѓите животи. Со неколку движења на прстот на телефон гледаме туѓи успеси, прекрасни фотографии, насмеани семејства, патувања и професионални достигнувања. Иако свесно знаеме дека гледаме само дел од реалноста, често несвесно почнуваме да се споредуваме. Во нас тивко се појавува мислата дека другите се поуспешни, поубави, посреќни или понапред од нас.  Живееме во време кога споредувањето стана секојдневие.

Иако знаеме дека тоа е само дел од реалноста, често во нас се јавува мислата: „Зошто јас не сум тој, таа, таму…?“ Со тек на време, ова споредување почнува да влијае на нашата самодоверба, на нашите чувства, распочожение.

Зошто споредувањето нè прави несигурни? Нашиот мозок природно споредува.

Порано луѓето се споредувале со соседите, колегите или пријателите од блиската околина. Денес се споредуваме со стотици, па и илјадници луѓе дневно. Проблемот е што не ги гледаме нивните стравови, сомнежи и тешки периоди. Го гледаме само финалниот резултат, не и процесот. Жените често чувствуваат притисок поврзан со изгледот, мајчинството и балансирањето меѓу приватниот и професионалниот живот. Мажите, пак, почесто се соочуваат со споредување околу финансискиот успех, статусот и постигнувањата. И кај едните и кај другите последицата е слична – се јавува чувство дека не сме доволно добри.

Што значи да имаме самодоверба?

Самодовербата не значи да мислиме дека сме подобри од другите. Таа значи да се чувствуваме доволни и вредни како личности, без разлика на моменталните успеси или неуспеси. Кога имаме здрава самодоверба, знаеме дека грешките се дел од животот и не ја доведуваме во прашање сопствената вредност секојпат кога нешто нема да излезе како што сме планирале. Но во култура во која постојано сме изложени на туѓи „најдобри моменти“, ова чувство лесно може да се разниша.

Како да препознаете дека споредувањето ви ја руши самодовербата?

Кога споредувањето станува навика, може да забележиме дека по користење на социјалните мрежи се чувствуваме полошо отколку претходно. Наместо да ги забележуваме сопствените успеси, вниманието ни оди кон тоа што ни недостига. Се создава впечаток дека сите напредуваат побрзо, дека сите имаат појасна насока и подобар живот. Оваа перцепција често не е реална, но емоционално делува многу силно.

Изградбата на самодоверба во вакви услови бара свесност и умереност. Понекогаш е доволно да го намалиме времето поминато на социјалните мрежи и да се потсетиме дека не гледаме целосна слика. Корисно е вниманието да го насочиме кон сопствениот напредок, наместо кон туѓите резултати. Секој човек има различни услови, можности и животна приказна.

Споредувањето без да се земе предвид контекстот речиси секогаш е неправедно кон самите себе.

Важно е и начинот на кој зборуваме со себе. Доколку по неуспех се критикуваме со строги и навредливи мисли, самодовербата постепено се намалува. Кога би си дозволиле повеќе разбирање и поддршка, како што би му дале на близок пријател, внатрешната сигурност би имала простор да расте. Успехот не мора да изгледа исто за сите. За некого тоа е кариера, за друг стабилно семејство, за трет личен мир. Кога сами ќе дефинираме што за нас значи исполнет живот, помалку ќе зависиме од туѓите стандарди. Нашиот живот не е натпревар со другите.

Самодовербата не се гради преку постојано мерење со туѓите достигнувања, туку преку прифаќање на сопствениот пат.

Кога ќе престанеме да се споредуваме и ќе почнеме да се запознаваме себеси, се појавува чувство на стабилност кое не зависи од лајкови, коментари или туѓо одобрување. Токму таму започнува вистинската сигурност.

За крај

Вашиот пат нема временска рамка од социјалните мрежи. Нема лајкови. Нема алгоритам. Но најважно – има АВТЕНТИЧНОСТ.