-Сабота, 20 часот, диско журка „Орфеј“ – каде што времето застанува, а ритамот продолжува. Да се вратиме во времето кога подиумот беше наш свет, а музиката – наш јазик. До зори.
Ретро светла, винил звук и срца што чукаат во ритамот на “Saturday Night Fever“ и диско-треската… Оваа сабота повторно се враќаме таму каде што спомените никогаш не избледуваат – во златните 80-ти со „Орфеј“.
Со енергијата на DJ Николче Терзивски и DJ Ile the Hair, нè очекува вечер исполнета со хитови што не стареат и магија што обединува генерации.
Ќе биде тоа ноќ на спомени од винил-плочи, љубов на подиумот и ретро треска до зори. Вечер кога музиката повторно ќе нè спои – како некогаш. Затоа облечи ги најшарените парчиња, раздвижи ги старите чекори и препушти се на ритамот. Организаторите ветуваат вистинска ретро- забава што ќе се памети и раскажува.
Марио Трифуновски, сопственик на клубот „Расчекор“, кој во златните времиња и самиот организираше легендарни забави во „Орфеј“, додава:
-Во доцните 80-ти ги организиравме познатите журки со дрес-код, кои беа вистински настан во градот. Затоа оваа вечер очекуваме оригинални и креативни изданија – пожелен е ретро дрес-код, инспириран од тоа време. Битолчани отсекогаш биле препознатливи по својот стил и вкус, и сигурен сум дека и овојпат ќе блеснат на подиумот. Како организатори ветуваме голем број изненадувања што ќе нè потсетат и ќе нè вратат во тие години. Но, магијата ќе ја откриеме за вечерта на 21 февруари.
Сите што обезбедија билет и присуствувале на претходните изданија знаат дека ова не е само забава – ова е “ретро патување до зори.“
Драги Лажиовски – Брус ли, по повод зимската ретро журка, изјави:
-На 21 февруари 2026 година, во Битола сите патишта ќе водат кон клубот “Расчекор“. Како што ветивме, продолжуваме со зимска ретро диско журка “Орфеј“, насловена “ОРФЕЈ ве враќа во 80-тите“. Старо и младо во “Расчекор“ ќе игра до зори – музиката да нè спои.
За одличната атмосфера која ќе започне во 20 часот ќе се погрижат битолските диџеи Николче Терзивски и DJ Ile the Hair.
Добредојдени се сите љубители на убавата музика – диско, поп, рок, фанки, ју-музика. Да поиграме, да се подружиме и да се потсетиме на едно време кога како тинејџери растевме со ваквите забави, едноставно нарекувани “журки“. Воедно, сакам искрено да им се заблагодарам на сите што ни излегоа во пресрет оваа приказна да биде успешна. Тоа е доказ дека сè уште има битолчани кои не го заборавиле времето кога дружењето беше вистински
“ИН“, а заедништвото – начин на живот, довава Трифуновски.
DJ Николче Терзиевски, долгогодишен музички уредник во некогашното Радио Битола и дел од генерацијата што младоста ја минал во “Орфеј“, вели:
-Музиката од 80-тите и 90-тите важи за една од најдобрите музички епохи. Ние ќе се потрудиме да ве вратиме во тоа време – со внимателно избран репертоар, карактеристичен за периодот, со различни жанрови и ритми што ја одбележаа една цела генерација. За тоа ќе придонесе и одличната атмосфера што ја нуди клубот “Расчекор“. Пред да влезете, оставете ја негативната енергија и секојдневните проблеми надвор. Да влеземе со насмевка, позитивна мисла и добро расположение – подготвени за диско-вечер што ќе се памети и
раскажува.
DJ Ile The Hair додава:
-Музиката не само што нè обележува, туку и засекогаш нè поврзува со времето во кое сме сакале, сме сонувале и сме живееле. Некогаш беше незамисливо рокер да “фати“ девојка што слуша поинаква музика или шминкер со панкерка. Како да постоеше непишано правило – припаѓаш таму каде што ти е музиката, стилот и екипата. Во 80-тите и 90-тите преку облеката и звукот што го слушавме се препознаваше карактерот и темпераментот. Можеби токму така, интуитивно, се пронаоѓаа сродните души – со ист ритам во чекорот и истата песна во срцето. Денес, тезата „Спротивностите се привлекуваат“ останува отворено прашање за дискусија.
Но, како што велат легендарните Queen – The Show Must Go On! Шоуто продолжува во ритамот на вистинска Saturday Night Fever!
Жанета Ристевска










