-“Ретро журка Орфеј“ не е само уште една забава, тоа е вистинска временска машина која враќа во најубавите моменти на младоста. Мигови на дружење, забава, вљубување, љубов, но и бунтовна младешка енергија.
-Токму таа магија вечерва повторно оживеа во ноќниот клуб „Расчекор“, кој ги отвори вратите за ретро журката „Хитовите на златните 80-тите со Орфеј“.
Настанот е посветен на музиката што ја обележа една генерација, а истовремено ги спои и оние што денес ја откриваат преку приказните и ритамот. Со безвременските хитови на Queen, вклучувајќи ја легендарната „The Show Must Go On“, шоуто се претвори во вистинска Saturday Night Fever – диско-треска и ретро ритам што не дозволуваше никого да остане мирен. Винил-звукот ги разбуди спомените и ја врати магијата на легендарниот Орфеј.
Марио Трифуновски сопственик на ноќен клуб “Расчекор вели дека токму ваквите вечери се доказ дека музиката има моќ да ги надмине времето и поделбите.
-Во доцните 80-ти градот живееше за тие дрес-код забави – храбри комбинации, впечатливи фризури и самодоверба што се носеше со гордост. Тие вечери не беа само излегувања, туку настани што се прераскажуваа со денови. Денес, со истата енергија и носталгија, отвораме ново поглавје што нè потсетува зошто тие времиња останаа златни. Особено ми е драго што оваа вечер видовме различни генерации како играат заедно. Ја разбивме предрасудата дека ретро журката е резервирана само за оние што некогаш излегувале во „Орфеј“.
Тоа ни дава дополнителен поттик и понатаму да креираме интересни, можеби и тематски журки, кои ќе обединуваат. Кога подиумот е полн, а сите пеат во еден глас, знаете дека сте направиле нешто вистинско. За атмосферата се погрижија легендарните диџеи Николче Терзиевски и Ile The Hair, кои уште еднаш покажаа дека вистинските хитови не стареат – тие само добиваат нова публика.“
Ди-џејот Николче Терзиевски, кој кон крајот на 70-тите и во текот на целата декада на 80-тите години ја градеше атмосферата во диско “Орфеј“, со видливи емоции се наврати на тие времиња.

-Оваа енергија што ја чувствуваме вечерва навистина не може да се опише со зборови. Ме враќа во годините кога подиумот беше наш втор дом, кога секоја песна имаше своја приказна, а секоја насмевка свое значење. Денес живееме во време на технологии и некако сите сме повеќе поврзани преку екрани, а помалку меѓу себе. Затоа е посебно чувство кога ќе видите дека токму музиката повторно нè зближува – искрено, со позитивна емоција и со срце.
Ди-џејот Ile The Hair во свој препознатлив стил, со насмевка и доза носталгија, се потсети на времињата кога музиката била повеќе од забава – била идентитет.
-Рокери, панкери, шминкери, даркери… така се делевме ние младите според музиката што ја слушавме. Првото прашање кога ќе запознаеш некого – па и кога ќе ‘шмекаш’ девојка – беше: Каква музика слушаш?. Одговорот многу кажуваше. Потоа следуваше: кои ти се омилени пејачи, која група ти е број еден? На некој начин, преку музиката ја запознававме душата на човекот и чувствувавме дали ни одговара. Вечерва, таа иста музика повторно нè спои. Нема повеќе поделби – сите играат заедно. Многумина од овде се луѓе што редовно доаѓаат на ретро журките, што се запознале тука или се знаат со години. Убаво е чувството кога ќе видиш дека песните што некогаш нè дефинираа, денес нè обединуваат. Тоа е магијата на ретрото – нè враќа назад, но нè држи заедно во сегашноста.
И гостите уживаа во преубавата атмосефера, а битолчанец, кој како рече дека зборува во име не сите кои се присутни вечерва тука ни рече:
-Секогаш кога ќе влезам во ретро журката “Орфеј“, имам чувство дека се враќам во најубавите моменти од мојата младост. Музиката од 80-тите и 90-тите ме враќа на тие вечери кога танцувавме до зори, кога се смеевме со пријателите, кога срцето ни чукаше силно од љубов и забава. Сите ние што сме тука вечерва треба да сме среќни, затоа што сведочиме на нешто што не се случува често – вистинска, чиста радост на дружење и забава. Тоа не е само музика, тоа е спомен, младост и дел од нас што никогаш не избледува.“
Драги Брус Ли Лажијовски еден од организаторите на „Ретро журка Орфеј“ додава:
-“Ретро журка Орфеј“ одамна престана да биде само настан – прерасна во приказна, во чувство, во бренд што се препознава по емоцијата што ја носи, со сè поголема заинтересираност, што може да се види вечерва. Кога се резерваат карти, веднаш ја бараат истата маса како претходните години – тоа покажува дека тука се создаваат навики, пријателства и спомени што траат. Голем дел од нив вечерва се луѓе кои беа со нас уште од првата журка, но и други генерации кои слушнале дека на овие журки атмосферата е посебна.

-Ако сме успеале како организатори да ги обединиме луѓето, да ги вратиме спомените и да создадеме атмосфера во која сите се чувствуваат дел од иста приказна, тогаш мислам дека сме ја постигнале целта, додаваат организаторите, Марио, Сашо, Брус ли, и диџеите.
Повторно беа срушени сите табуа и предрасуди – стари, млади, возрасни, повозрасни… Предрасудите дека ретро журката е резервирана само за оние што некогаш излегувале во „Орфеј“. Вечерва немаше разлика по возраст, ниту по тоа, кој каде припаѓа – политички или по која било друга основа. Сите беа едноставно луѓе што сакаат добра музика и добра забава. Енергијата на музиката– ги спојува генерациите, ги брише поделбите и ги буди најискрените чувства, а тоа чувство на слобода и заедништво е она што ја прави ретро журката „Орфеј“ посебна и незаборавна.
Се гледаме на следната, летна ретро журка! А порталот „BitolaNews“, како медиумски покровител на сите досегашни ретро журки „Орфеј“ и дел од организацијата, со фотогалерија и кратки видеа ви пренесува дел од атмосферата и магијата синоќа во ноќен клуб „Расчекор“, за на оние кои не дојдоа да им биде “маката“ поголема.
Жанета Ристевска











