Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска во неговиот кабинет имаше средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која е во посета на Општина Битола.
На средбата стана збор за енергетската иднина на Битола, за новиот Закон за енергетика кој опфаќа широка лепеза на одговорности и за општините. Зборуваа и за новите можности за имплементација на енергетска ефикасност во јавни институции и потребата од вклучувањето на индивидуалните објекти во насока на подобрување на енергетската ефикасност. Дел од регулативите се содржат и во Општинскиот енергетски план за 2026 година за Општина Битола, кој ќе се најде на наредната седница на Советот.






