-Во Битола, пролетта зборува француски!
Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола најавуваат бројни активности во текот на традиционалната „Франкофонска пролет“.
Оваа година, покрај одбележувањето на Месецот на Франкофонијата, ќе означи и одбележување на две значајни годишнини: 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Широко распространетото меѓународно одбележување на Месецот на Франкофонијата не претставува само програма од настани – тоа е прослава на заедничките вредности, на љубовта кон јазикот, уметноста и отвореноста кон светот.
Програмата за март и април (во прилог) ќе понуди активности за сите вкусови, за сите генерации и публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма:
-Современ француски танц – енергичен и визуелно впечатлив перформанс што ја носи современата француска уметничка мисла на сцената во Битола.
-Свечена приредба во изведба на нашите најдраги, учениците – емотивен омаж на франкофонските вредности и на долгогодишната културно образовна мисија.
-Многу филм – Вечери со франкофонски филмови и Мала школа на краткометражни детски филмови – кинематографски патувања што ги доближуваат франкофонските приказни до сите генерации.
-Џипси џез вечер – страст, ритам и виртуозност во духот на француската “ мануш “музичка традиција.
-Џез концерт – Традиционално отворање на Џез Фабрика Фестивалот со француски гости како прослава на слободата, импровизацијата и културната размена.
И оваа пролет Битола повторно станува место каде културата обединува, инспирира и создава нови мостови. Јубилеите што ги славиме се доказ за трајната посветеност на франкофонската идеја и за длабоките врски што се градат преку уметноста и образованието, пријателството и споделувањето.
Програмата ќе биде реализирана благодарение на поддршката од Француската Амбасада односно Францускиот Институт од Скопје, како и Фестивалот ТАНЦ -ФЕСТ. Наши локални партнери се: Општина Битола , НУ Народен Театар Битола, НУ Центар за култура Битола , ЈОУ Културен и информативен центар – Битола и Europe House Bitola, како и француската асоцијација Aye Aye VO / Festival International du Film de Nancy. Во соработка и со гимназијата Јосип Броз Тито и основните училишта : Даме Груев, Гоце Делчев, Св. Кирил и Методиј, Стив Наумов и Св. Климент Охридски.
“Франкофонска пролет“ започнува на 13 март со извонредниот танцов спектакл „F_AI_LLE“ на групата K.Danse. Оваа претстава го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција со помош на сензори кои го читаат движењето на танчерите во реално време и создаваат аудио-визуелни форми кои постојано се менуваат.











