Press "Enter" to skip to content

Тренерот Стевче Алушевски и капитенот Филип Кузмановски: феноменален натпревар, продолжуваме чекор по чекор

Екипата на Еурофарм Пелистер во Битола со голем бод против ПСЖ стави крај на годинашната ракометна сезона во Лигата на Шампиони, а ги очекува уште едно гостување во Барселона.

Тренерот Стевче Алушовски по завршувањето на натпреварот рече: 

-Ова беше феноменален натпревар. Можам само да им честитам на ракометарите. Покажавме огромен карактер, и кога губевме со два гола разлика на само една и пол минута до крајот, верувавме во себе и се вративме. Бевме нервозни на почетокот, правевме грешки, кои според мене не се грешки туку глупости, но кога играш против ПСЖ и во ваква атмосфера, нормално е фокусот и главата да не ви бидат тука. Меѓутоа мислам дека од ден во ден екипата расте, почнуваме да веруваме во она што го работиме и во нашиот систем. Имаме квалитет, ме загрижува ситуацијата со новото засилување Граховац. Тој е клучен ракометар во ротацијата. Вечерва Филип Кузмановски играше со температура, во текот на денот имаше 39 степени. Ќе видиме каква ќе биде ситуацијата, бидејќи ни следат важни натпревари во Купот на Македонија. Голема благодарност до битолчани, беше задоволство да се води оваа екипа од клупата.

Капитенот на Еурофарм Пелистер Филип Кузмановски постигна десет голови, а позначјно од головите е неговото лидерство, играше со полна сила по висока температура од 39 степени, а по натпреварот рече.

-После натпреварот во Данска мислам дека самодовербата во тимот се подигна и тоа многу ќе ни значи во плеј-офот. Мислам дека располагаме со многу играчи, сите се здрави што е многу важно пред клучните натпревари во првенството. Пред ваква прекрасна публика на секој натпревар одиме на победа, без разлика на противникот, во Битола го даваме максимумот. Можеби против Висла потфрливме, како колективно така и индивидуално, но денес покажавме што навистина тренираме во последниот период. На добар пат сме, ни треба повеќе верба, формата ни оди во нагорна линија. Целите на Еурофарм Пелистер се секогаш високи, но одиме чекор по чекор и цврсто на земја.  Кога ќе направиме пресек досега можеме да жалиме што не искористивме неколку шанси на домашен терен. Особено мислам за натпреварот со ГОГ Гудме. Навистина жалиме за тој пораз. Ако победевме на тој натпревар, сезоната ќе се одвиваше во друг правец, ќе верувавме повеќе и мислам дека ќе стигневме до осминафиналето.