
Емоционалната манипулација е суптилен начин некој да влијае врз нашите чувства, одлуки и однесување за сопствена корист. Таа често доаѓа преку вина, страв, притисок или искривување на реалноста. Ова најчесто се случува во блиски односи – во партнерство, семејство, пријателства или на работното место.
Манипулацијата не е секогаш лесно да се препознае
Често доаѓа во форма на вина, притисок или играње со нашите емоции. На пример, некој може постојано да нè обвинува дека сме виновни за неговото лошо расположение, да нè уценува со љубов или да ни создава чувство дека без него не можеме да успееме.
Некои од најчестите знаци на емоционална манипулација се:
-Предизвикување чувство на вина („Ако ме сакаш, ќе го направиш ова“).
-Извртување на вистината или негирање на реалноста (познато како Gaslighting).
-Емоционален притисок и драматизација.
-Постојано критикување или омаловажување.
Тоа предизвикува постојано чувство на вина, страв дека ќе ја разочараме другата личност, чувство дека мораме да се оправдуваме за сè, сомнеж во сопствените мисли и чувства, притисок да направиме нешто што не го сакаме. Со тек на време, ова може да ја намали самодовербата и да создаде емоционална исцрпеност кај оној што поднесува манипулација.
Најважно е да научиме да ги препознаеме овие ситуации.
Кога нешто постојано ве тера да се чувствувате виновни, збунети или недоволно добри – тоа може да биде знак за манипулација. Заштитата започнува со свесност и поставување здрави граници.
Совети
Поставете јасни граници, кажете „не“ без чувство на вина. Границите може да звучат едноставно: „Не се согласувам со тоа“, „Не ми е пријатно да разговарам на оваа тема.“
Не реагирајте импулсивно
Манипулаторите често сакаат брза реакција. Земете време да размислите пред да одговорите.
Чувајте ја самодовербата
Луѓето со стабилна самодоверба потешко се манипулираат. Потсетувајте се на своите вредности, способности и право на сопствено мислење.
Побарајте поддршка
Разговор со пријатели, семејство може да помогне да добиете пообјективна перспектива.
Поставувањето граници, отворената комуникација и довербата во сопствените чувства се клучни чекори за заштита од манипулација. Ако ваквото однесување трае подолго време и нè повредува, добро е да побараме поддршка од психолог или друга стручна личност
Здравите односи се градат на почит, искреност и слобода. Никој не треба да се чувствува виновен затоа што ги штити сопствените потреби и емоции.






