-Преполна сала во Центар за култура Битола и концерт што долго ќе се памети…
-Аплаузи, бисови и емоции: Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ ја кренаа Битола на нозе.
Битола доживеа вечер исполнета со силни емоции, музика и поезија – вечер што долго ќе се прераскажува меѓу љубителите на уметноста. Музичко-поетскиот перформанс на Јелена Томашевиќ и Иван Босиљчиќ ја претвори големата сала на Центар за култура Битола во сцена на искрени чувства, топла комуникација со публиката и уметност што допира директно до срцето.
Во текот на повеќе од два часа публиката уживаше во внимателно осмислена програма во која музиката и поезијата се испреплетуваа во едно незаборавно доживување, а во сите изведби уметниците беа придружувани од оркестарот на Македонска филхармонија.
На самиот почеток од музичко-поетското патување, уметничката двојка се обрати до публиката истакнувајќи дека оваа вечер ќе биде посветена на славење на големите уметнички имиња и легендарни парови од овие простори, како Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, Драган Николиќ и Милена Дравиќ, како и Арсен Дедиќ и Габи Новак.
Во нивна чест беа изведени неколку безвременски дуети, додека Босиљчиќ со особена емоција ги надополни со стихови од Арсен Дедиќ, како и стиховите од македонскиот поет Анте Поповски, вплетени во македонска песна.
Со својот совршено мелодичен глас, Јелена Томашевиќ допре до битолската публика и ја воодушеви со секоја нота.
Елегантна и одмерена на сцената, но силна во емоцијата што ја пренесува, таа длабоко ја трогна публиката која со неа ги пееше нејзините хитови „Јутро“, „Оро“, „Где да одем да те не волим“, „Меланхолија“ и „Океани“. Со „Океани“ од чувства и емоции, прекрасната Томашевиќ создаде незаборавна атмосфера во салата.
Во текот на целиот концерт таа комуницираше спонтано и природно со публиката, на достоинствен и топол начин, уште еднаш потврдувајќи зошто важи за еден од најдобрите женски вокали и поп пејачки на балканските простори.
Харизматичниот актер Иван Босиљчиќ, миленик особено на женската публика, на свој препознатлив начин маестрално ги спои поезијата и музиката. Со голема емоција и почит ги пренесе стиховите на големи поети како Шарл Бодлер, Сергеј Есенин, Анте Поповски, Алекса Шантиќ и Милан Ракиќ.
Босиљчиќ ја воодушеви публиката и со својот глас, изведувајќи евергрини и руски романси на српски, македонски и руски јазик. Меѓу нив беа „Душо моја“, „Волело се двоје млади“, „Не куни ме, не ружи ме мајко“, „Шутка и Топана“, „Тајно моја“ и „Очи черније“.
Посебен момент беше кога заедно со публиката ја испеаја „Ако одам во Битола“, создавајќи силна емоционална врска меѓу сцената и салата.
На крајот од вечерта, публиката со долги и громогласни аплаузи ги враќаше уметниците неколку пати на бис. Тие со голема почит ја возвратија љубовта и изведоа уште неколку песни, меѓу кои “Елено ќерко Елено“ и “Ти си принцеза“.
Битолската публика ги испрати со воодушевување и долги аплаузи, заминувајќи од концертот со прекрасни впечатоци и чувство дека присуствувала на една навистина посебна и незаборавна вечер.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска











