Пелистер – Гостивар 93:88
“Пелистерци“ одиграа уште еден беспрекорен меч во нападот, што беше доволно да се задржи стопроцентниот ефект на домашен терен во новата година.

Беспрекорниот напад во огромен дел од мечот беше доволен за да се стигне до победата, предноста во долги периоди беше двоцифрена, но кога противникот опасно се приближи „пелистерци“ имаа и квалитет и искуство за да го приведат мечот до крај и да слават победа.
Гостивар отвори на самиот почеток со водство од 0-5, но следеше брутален одговор на Пелистер, битолскиот клуб предводен од Малешевиќ и од Митревски направи серија од 15-0 и целосно го сврте резултатот во своја полза. „Пелистерци“ имаа контрола над резултатот до крајот на четвртината, но гостите со тројката на Диксон успеаја да намалат на 22-18.
Брејси Дејвис отвори со пет поени на стартот од втората четвртина, Пелистер продолжи да доминира, па со тројката на Крстевски стигна и до првото двоцифрено водство на натпреварот (36-26).
Предноста дополнително се зголеми на „плус шеснаесет“ по реализацијата на Џенкинс (46-30), а со истата разлика Пелистер замина и на одмор, по тројката на Лука Стојановски за 55-39.

Како првото, така и второто полувреме почна со пет поени во низа на Гостивар. Пелистер набрзина се консолидираше и ја одржуваше убедливата предност, но штом гостиварци со двете тројки на Црниќ намалија на 72-62, тренерот Даскаловски побара тајмаут во 28. Минута.

„Зелено-белите“ имаа 77-64 на една минута до крајот на четвртината, но Столески со пет поени во низа го приближи Гостивар на едноцифрена негатива (77-69) во пресрет на последните десет минути од овој натпревар.
Четвртата четвртина не минуваше онака како што се надеваа „пелистерци“, не само што удобното двоцифрено водство не беше вратено, туку гостиварци успеаја да се приближат на 88-83 на три минути до крајот. Гостивар стигна и до 88-85, пред Вилсон да ја прекине мини-серијата на гостите со важни поени за Пелистер.
Гостивар не се предаде, па преку Црниќ на петнаесетина секунди до крајот намали на 90-88, принудувајќи го Даскаловски на нов тајмаут. „Пелистерци“ не само што ја задржаа топката до крај, туку Митревски погоди тројка со звукот на сирената, за конечните 93-88.
Фото: Сашо Ристевски









