Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: Кога некој не може да го поднесе вашиот успех: што е Прокрустов синдром и како да го препознаеме во секојдневниот живот

Во животот сите сме сретнале луѓе кои тешко го прифаќаат успехот на другите. Наместо да честитаат, тие го игнорираат успехот, го омаловажуваат или се обидуваат да го спречат. Во психологијата ваквото однесување често се опишува со поимот Прокрустов синдром. Важно е да се нагласи дека ова не е официјална психијатриска дијагноза, туку психолошки концепт на синдром кој опишува одреден тип на однесување.

Потекло на поимот

Терминот доаѓа од грчката митологија и ликот на Procrustes. Според митот, тој имал железен кревет на кој ги присилувал патниците да легнат. Ако биле пократки, ги растегнувал. Ако биле подолги, им ги сечел деловите од телото. Денес оваа приказна се користи како метафора за луѓе кои сакаат сите да се вклопат во нивните стандарди, па кога некој се истакнува – се обидуваат да го „намалат“. Овој тип на однесување најчесто се забележува во: работни средини, училишта и факултети, пријателства, па дури и во семејството

Како изгледа Прокрустовиот синдром во реалниот живот

Пример –  На работното место

Еден вработен предлага нова идеја која може значително да ја подобри работата на компанијата. Колегите ја поддржуваат идејата, но шефот реагира поинаку. Тој вели: „Тоа веќе сме го пробале, нема потреба.“ Неколку недели подоцна, истиот шеф ја претставува истата идеја како своја пред раководството. Ова е класичен пример кога некој се обидува да го намали туѓиот придонес за да изгледа подобар.

Пример – Во училиште или на факултет

Студент постигнува најдобри резултати на испитите и често им помага на колегите. Наместо благодарност, некои од нив велат: „Тој е бубалица“, “Нема живот, само учи“, „Се прави паметен.“ Наместо успехот да биде мотив за сите, тој станува причина за потсмев.

Пример – Во пријателството

Еден пријател добива нова работа или отвора сопствен бизнис при тоа многу е задоволен. Наместо искрена честитка, другиот му вели: „Добро, ама тоа сигурно е преку  врски.“
или „Ќе видиме колку ќе издржиш таму.“
Со вакви коментари успехот се минимизира, а радоста се претвора во сомнеж.

Пример – Во семејството

Млад човек сака да започне сопствен бизнис. Наместо поддршка, слуша: „Не се занесувај“, “Подобро најди сигурна работа“, “Тоа не е за тебе.“ Наместо охрабрување, добива порака дека не треба да се обидува да постигне повеќе.

Причини : Зошто се појавува ваквото однесување

Ниска самодоверба: Луѓето кои не се сигурни во себе лесно се чувствуваат загрозени од туѓ успех.

Страв од губење статус: Некои се плашат дека ќе изгледаат помалку способни или ќе ја изгубат својата позиција.

Завист:  Кога некој има нешто што тие го немаат – талент, признание или успех.

Потреба за контрола: Некои личности сакаат да доминираат во групата и не дозволуваат другите да се истакнат.

Препораки како да се справите со вакви луѓе

Не го сфаќајте лично. Ваквото однесување најчесто зборува за нивната несигурност. Поставете граници. Не дозволувајте постојано омаловажување. Фокусирајте се на резултати
Наместо расправии, дозволете вашата работа да зборува за вас. Опкружете се со поддржувачки луѓе

Средина која го цени успехот и талентот е клучна за личниот развој.

Да станете свесни дека прокрустовиот синдром покажува една важна човечка слабост:
понекогаш луѓето се обидуваат да ги „намалат“ другите наместо да се подобрат себеси. Најдобриот одговор е верба во себе и своите потенцијали, самодоверба, јасни граници и личен развој.