Денес, 21 март 2026 година во Битола почина Драги Гроздановски, поранешен пратеник, директор на Агенцијата за разузнавање во два наврати, битолчанец кој бил дел од лицата кои биле дел од создавањето на современата македонска држава.
Роден во 1957 година во Битола, Гроздановски го завршил Правниот факултет и уште од најраните години се вклучил во општествено-политичкиот живот. Како пратеник во првиот парламентарен состав на независна Република Македонија (1991–1994), тој беше дел од историската генерација која ги поставуваше темелите на институционалниот и демократскиот систем на државата.
Во текот на својата професионална кариера извршуваше високи и одговорни функции, меѓу кои два мандати како директор на Агенцијата за разузнавање, каде придонесе во периоди од особено значење за безбедносното консолидирање на државата.
Своето искуство и знаење ги вложи и како директор на ЈП „Нискоградба“ – Битола, каде активно учествуваше во развојот на локалната инфраструктура.
Драги Гроздановски еден период беше и член на битолскиот совет, каде активно придонесуваше во локалната самоуправа и развојот на заедницата.
Ќе остане запаметен како човек со цврсти ставови, професионален интегритет и искрена посветеност кон државата и заедницата.
Погребот ќе се одржи на 22 март 2026 година.






