Press "Enter" to skip to content

Започна Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките, последната седмица од Христовиот живот на земјава

Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. 

Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа.  Според сведочењето на светите отци (особено свети Јован Златоуст, IV век), христијаните во првите векови ги зголемувале своите молитви и постот во текот на Страдалната седмица. Во овие денови го подражавале Господа Исуса Христа, особено во љубовта кон човекот.

Така, во Страдалната седмица тие се обидувале да бидат подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи кон своите ближни, правејќи дела на љубовта и милосрдието. Во тие дни се сметало за недолично да се оди на суд и да се обвинува или да се осудува, па затоа, во текот на Страдалната седмица луѓето ги прекинувале сите тужби, сите судски парници, обвиненија, спорови и казни. Во овој празничен период се практикувало дури и да ослободат некого од вратите на затворот, којшто не бил голем престапник.

Деновите на Страдалната седмица Господ Исус Христос ги поминал во Ерусалим и во храмот, во последните денови и часови од земниот живот на Господа Исуса Христа.

Светата Црква го претставува во една преубава и величествена форма, низ прекрасните богослужби во оваа седмица. Богослуженијата се обилно збогатени и украсени со мудро избрани текстови од Библијата. Овие денови на богослужбите се читаат содржини од пророчките книги, од Евангелието и од Апостолот. Сето тоа е велелепно проследено со длабоки, содржајни молитви и песнопенија. Тие се и слаткопејни и оплакувачки, и покајни и животорадосни, страдални и воскресенски. Преубави и вдахновени се црковните песни што се пеат на богослужбите во Страстната седмица. Затоа верниците ги посетуваат богослужбите, особено попладневните богослуженија на Велики Четврток и Велики Петок, а задолжително за секој христијанин е пречекот на Велигден, во саботата ноќта.

Посебно се забележливи и длабоко содржајни побожните, црковно – народни обичаи и обреди во овие денови. Тие се изразито присутни и в црква, започнувајќи од Велики Четврток, од првото вапцување велигденски јајца.

Во текот на целата Страстна седмица, освен на Литургијата на Велики Четврток и Сабота, свештениците се облечени во црни одежди.

Оваа седмица не се прават панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани.