Press "Enter" to skip to content

Таму најгоре, “Лазарополе цути – 2026“ фестивал на нарцисот по 12. пат (фотогалерија)

-“Лазарополе таму најгоре…“ се пее во песната, а таму најгоре висорамнина на врв на планина, а погледот кон природата наоколу, никого не остава равнодушен.  

-И оваа година, по 12. пат „Лазарополе Цути“ повторно ја разбуди магијата на планината. Звуците на зурлите и тапаните на Мајовци одекнаа низ Лазарополе како стар повик што ги собира луѓето околу традицијата, песната и заедништвото.Пред хотелот „Калин“, во срцето на селото, со оро и песна започна манифестацијата што секоја година го слави нарцисот и убавината на Лазарополе. Лазарополе повторно расцвета во духот на фестивалот со мото: „Лазарополе Цути“ кој не е само прослава на едно цветно поле. Токму затоа Фестивалот на нарцисот „Лазарополе Цути“ не е само настан, туку негов жив глас — глас на традицијата, природата и љубовта кон корените. Во време кога многу вредности тивко исчезнуваат, овој фестивал останува редок и светол пример на жива традиција што ги обединува природата, културата, заедницата и иднината.Фестивалот „Лазарополе Цути“ од самиот почеток има мисија да ја подигне јавната свест за значењето на заштитата на природното и културното наследство. Преку фестивалот се афирмираат: мијачките адети и обичаи, традиционалната музика и фолклор, локалната архитектура, духовното наследство, старите занаети, народните знаења…

Лазарополе таму најгоре…“ — и звуците на зурлите и тапаните на Мајовци – стих што не се слуша туку се чувствува со срце. Тоа беше повик сите заедно да тргнат кон зелените ливади со нарциси, сместени во околината на селото.Патот до таму води низ волшебни предели на недопрена и чиста природа, каде зеленилото се прелева на сите страни. Во далечината глетката изгледаше како сцена од филм.А, патот кон ливадите поминува покрај старите гробишта, стари стотици години, и секој кој поминува тука оддава почит на своите потомци кои почиваат тука, кои дале огромен придонес за опстанокот на своите семејства на кои не им било лесно да опстојат, тука најгоре и дала придонес да останат “лазорвци“ како што се.По пристигнувањето на ливадите се отвора пејзаж што го одзема здивот — бели нарциси расцветани низ мајските полиња, како природата сама да создала цветно море. Насекаде се чувствува радост: се берат нарциси, се прават големи китки од миризливи цветови, а од нив се плетат и венчиња што како круни ги красат главите на посетителите.Таму, среде планината и мирисот на пролетта, сите заедно го слават нарцисот — со оро, песна, дружење и љубов кон традицијата. „Лазарополе Цути“ уште еднаш покажа дека не е само фестивал, туку доживување што останува во срцето.Многу семејства кои потекнуваат од овој крај, а живеат во други градови низ Македонија, доаѓаат токму на овој ден за да го прослават Денот на нарцисот, кој и тука кај ливадите, продолжува орото по ритмот на зурлите и тапаните на Мајовци.Насекаде низ ливадите се береа нарциси, а од нивните бели цветови се плетеа венчиња – едно поубаво од друго. Најубавиот венец годинава исплетен за Викторија Милевска, а ќе биде Малевска, идна лазарополска невеста.Додека внимателно ги вплеткуваше нежните цветови, покрај неа беше нејзината тетка Антица Филевска од Скопје, која со љубов ја учеше како се плете венец – исто како што тоа се правело со генерации наназад. Антица вели дека традиционално секоја година доаѓаат на
манифестацијата, но годинава е посебна, бидејќи убавината на Лазарополе, мирисот на нарцисите и старите обичаи за првпат ќе останат засекогаш врежани и во спомените на нивната идна невеста.-Оваа година ја донесовме и нашата снаа Викторија, која ќе биде лазоровска невеста на внукот Горјан Малевски, за да ја види оваа убавина и нашите обичаи, раскажува Филевска.
Викторија Милевска сега Малевска од Скопје вели дека за манифестацијата слушала уште од порано од својата тетка, чие семејство потекнува од Лазарополе.Дојдов на манифестацијата за која многу ми раскажуваше тетка ми. Прекрасно е да се види оваа природа и традиција. Се подготвувам за мојата свадба и невеста ќе бидам на 28 август, вели Викторија.Меѓу белите нарциси, песната, смеата и зелените ливади, се испреплетуваа традицијата, љубовта и семејната топлина – токму она што Лазарополе го прави толку посебно.Томе Петровски – Лазоровец од Тумбалевци, кој живее во Битола, секоја година со своето семејство доаѓа на манифестацијата „Лазарополе цути“. Годинава за првпат ја донесе и најмалата членка на семејството, петмесечната внука Матеа.-Овој празник и големиот Илинден – 2 Август, се нашите два најголеми празници. Тогаш овде се враќаат луѓето кои имаат свои куќи, но доаѓаат и многу гости и туристи кои сакаат да бидат дел од оваа манифестација. Секоја година има се повеќе посетители кои уживаат во природата и го слават празникот на цвеќето. И пред да почне да се организира оваа манифестација, ние доаѓавме по ливадите да береме нарциси. Откако започна Фестивалот на нарцисот, а ова е веќе 12-то издание, секоја година сме тука заедно со нашите семејства. Денес овде сме собрани сите – синот, ќерката, зетот, снаата, внуците, братучедите… Токму тоа е најубавото. Овој ден не е само празник на цвеќето, туку и празник на семејството, традицијата и заедништвото. Барем за миг сите се враќаме на корените, седнуваме заедно, се смееме, раскажуваме и си спомнуваме на старите времиња. Така ја чуваме традицијата – со почит, љубов и со сите блиски околу нас. Ова што е на околу не може да се опише со зборови – оваа убавина, недопрената природа и нарцисите кои се белеат насекаде, вели Петровски.Како што ни раскажа и нашиот соговорник, чувствата што ги буди оваа убавина тешко можат да се доловат со зборови. Таму, високо, каде планината го прегрнува небото, природата зборува со тишина што остава без здив. Погледот кон бескрајните висорамнини, мирисот на планинскиот воздух и убавината што не може да се опише со зборови, го прават Лазарополе повеќе од место — го прават аманет. Аманет што се чува, се сака и се пренесува.По нарцисот, Мајовци, ливадите, каректеристичното оро, сите повторно се враќаат на сред село пред хотел “Калин“ за да ги средат впечатоците на кафе муабет, а таму лик познат на битолчани. Мирко Поповски, поранешниот фудбалер на Пелистер, кој е “кривец“ за четирите песни за Лазарополе, најпознатата “Лазарополе таму најгоре“, кој не испрати со зборовите:-Патеровци, не го чекајте Илинден пак да дојдете, поминете некој ден тука најгоре летово, а на Илинден, пак сите ќе биде тука, најгоре…Затоа, нашата фотогалерија барем за миг ќе ве пренесе во Лазарополе  „таму најгоре“, каде што се е зелено, а нарцисите со својата белина и мирис ја прават природата навистина волшебна.И стиховите:

-Кога планината ќе проговори. Кога ветерот од Бистра ќе ја донесе песната на предците. Тогаш срцето знае каде припаѓа.

Во духот на стиховите на Анте Поповски:

-Да се собереме под македонското небо, меѓу песна, гордост и аманет. Да се собереме таму каде што каменот има душа, а планината памети повеќе од книгите. Таму каде Македонија не е само име, туку ветер, бор, река и песна. Да ја чуваме природата како свето наследство. Да ги чуваме шумите, што дишат за нас, изворите што ја огледуваат чистата светлина, и дивиот свет што се уште чекори низ планините.Природното богатство не е дар, што се троши, туку аменет што се брани. “Лазарополе Цути не не повикува само да дојдеме, Повикува да се потсетиме кои сме! Лазарополе Цути 2026.

Ж. Ристевска

Фото: Сашо Ристевски – Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »