Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: „Нашиот мозок е како Инстаграм: Зошто ги паметиме само најубавите моменти од минатото?“

Памтим само сретне дане“, пее легендарната Габи Новак. Стих што многумина го доживуваат како поетска сентименталност, но зад него се крие и една длабока психолошка вистина. Иако животот никогаш не бил составен само од убави моменти, кога гледаме наназад, често ни се чини токму така. Детството изгледа побезгрижно, младоста поубава, а минатите времиња поромантични отколку што навистина биле. Гледаме стари фотографии на Фејсбук или Инстаграм и си велиме: „Тогаш бев посреќен“.

Зошто нашиот ум има тенденција да го разубавува минатото?

Современите психолошки истражувања сугерираат дека нашата меморија, исто како и профилите на социјалните мрежи, создава внимателно избран албум од најубавите мигови, додека непријатните детали постепено избледуваат. Од аспект на истражувања во когнитивната психологија тие покажуваат дека меморијата не е пасивен архив на настани, туку активен процес на реконструкција. Секојпат кога се присетуваме на некој настан, ние всушност повторно го создаваме споменот, а не само го „репродуцираме“. Во тој процес мозокот често ги нагласува позитивните аспекти и ги ублажува негативните детали.

„Розова ретроспекција“

Во психологијата овој феномен го нарекуваат „розова ретроспекција“ (rosy retrospection). Истражувањата покажуваат дека луѓето : одмори, патувања, врски и други животни искуства ги оценуваат попозитивно кога ќе помине одреден временски период отколку додека траеле. Непријатностите, стресот и секојдневните проблеми постепено избледуваат, додека емоционално значајните и пријатни моменти остануваат поизразени во сеќавањето. Научниците сметаат дека ова не е грешка на мозокот, туку адаптивна
карактеристика.

Еден од најпознатите концепти во оваа област е таканаречениот „Fading affect bias“ – тенденција негативните емоции поврзани со одредени спомени да бледнеат побрзо од позитивните. Со други зборови, можеби јасно се сеќаваме на некој тежок период од животот, но болката што сме ја чувствувале тогаш денес е значително послаба отколку радоста што ја чувствуваме кога се сеќаваме на убавите моменти од истиот период.

Од еволуциска перспектива, ова има смисла. Ако човечкиот мозок ги задржувал сите негативни искуства со ист интензитет со кој првично биле доживеани, луѓето би биле многу поподложни на хронична тага, анксиозност и демотивација. Способноста постепено да се намалува емоционалната тежина на непријатните искуства му помага на човекот да продолжи напред, да презема нови ризици и да остане психолошки функционален.

Токму тука се раѓа и Феноменот на носталгијата. Некогаш се сметала за вид меланхолија, но денес истражувањата покажуваат дека носталгијата често има позитивна
улога. Таа може да го зголеми чувството на припадност, да ја зајакне самодовербата и да создаде чувство дека животот има континуитет и смисла. Кога човек се чувствува несигурно во сегашноста, позитивните спомени од минатото можат да му послужат како емоционално засолниште.

Во современото време овој психолошки механизам добива уште една интересна димензија преку социјалните мрежи. Колку пати сме отвориле стара фотографија на Фејсбук или Инстаграм и сме си помислиле: „Ех, тогаш ми беше многу подобро“? Но најчесто не се сеќаваме на целата слика. Не се сеќаваме на проблемите што сме ги имале во тој период, на стресот, финансиските грижи, несигурностите или конфликтите. Гледаме само една насмевка замрзната во времето и несвесно заклучуваме дека целиот живот тогаш бил подобар.

Социјалните мрежи функционираат на ист начин како и нашата меморија.

На нив објавуваме избрани моменти – родендени, патувања, успеси, дружби и насмевки. Ретко кој објавува фотографии од своите стравови, неуспеси или денови исполнети со грижи. Кога години подоцна ги гледаме тие фотографии, не гледаме реален приказ на минатото, туку негова внимателно селектирана верзија. Тоа е како да листаме личен
албум со најголемите животни хитови. Затоа понекогаш ни се чини дека порано сме биле посреќни отколку што сме денес. Не затоа што сегашноста е нужно полоша, туку затоа што минатото го споредуваме со неговата најубава верзија. Нашиот мозок и нашите профили на социјалните мрежи често ја прават истата работа – ги чуваат најсветлите моменти и им дозволуваат на сенките полека да исчезнат.

Стихот на Габи Новак кој опстојува со децении. „Памтим само сретне дане“ не е само поетска слика, туку и опис на начинот на кој функционира човечката меморија. Нашиот мозок не го чува минатото како архив, туку како албум од најдрагите фотографии. А токму затоа, додека ги разгледуваме старите слики на социјалните мрежи и си мислиме дека некогаш ни било подобро, вреди да се потсетиме дека и тогаш, како и денес, животот бил мешавина од радости и грижи. Разликата е што времето им дозволило на грижите да избледат, а на убавите мигови да останат.

Истражувања во когнитивната психологија

Daniel Kahneman и Amos Tversky покажаа дека луѓето не ги паметат искуствата како целина, туку преку најинтензивните моменти и начинот на кој завршиле.

Constantine Sedikides и Tim Wildschut во своите истражувања утврдија дека носталгијата може да ја зголеми психолошката благосостојба, чувството на поврзаност со другите и оптимизмот за иднината.

Margaret Matlin го популаризира концептот „Pollyanna Principle“ – тенденцијата луѓето полесно да паметат позитивни отколку негативни информации.