Press "Enter" to skip to content

Наместо ламент: Каде ќе замине производството на храна?

Дека теоријата на  апсурдот длабоко се има вгнездено во сите пори на животот, не е никаква тајна. Најпрвин, големите драматурзи силно одговорија со театарот на апсурдот, на сцените и ,, штиците што живот значат,,  за да возвратат со уметност на мигот на универзалната какофоничност, дисонанти, дискрепанци, нелогичности итн., наречени апсурд. Како најголема впечатливост, секако, е вонвременскиот Семјуел Бекет со неговата култна “Чекајќи го Годо“ кога две персони на постојка го чекаат токму него, неговото величие – Годо, таа метафора која никако да дојде.

Иако е крајно несоодветно да се компарира Бекет со нашата апсурдност во аграрните тематики, сепак неговата универзалност ми го наметна тоа, читајќи еден маргинален наслов (како да е фуснота), во кој се вели дека во битолското земјоделско училиште во првиот уписен рок се запишале само тројца  (и со бројка 3) кандидати деветтоодделенци за во прва година. Да не е трагично, би било смешно. Но, ајде по ред, да разгатнеме зошто е така.

Најпрвин, Пелагонија е најголема житница, а ЗИК “Пелагонија“ некогаш со 8. 500 вработени беше најголем производител на храна и со најкапиталниот капацитет на ХМС “Стрежево“. Со поледелство, градинарство, лозароовоштарство, сточарство и стратешки капитални прехранбени индустрии ( Шеќерана, Квасара, Пивара, Млекара, Мелничко- перкаски индустрии, Конзервни фабрика, Живинарски фарми, Фабрика за добиточна храна итн.), тукашниот аграр беше стожер на македонското земјоделство, ослободувајќи ја државата од огромни увозни баласти на храната.

Од друга страна, индивидуалниот сектор со кооперантски односи го развиваше примарното производство и сточарството, добивајќи поддршка на суровини и репроматеријали, како семенски материјал, суви и сурови резанки од шеќерна репка, кисел гур од Пиварницата, добиточна храна, откуп и современо знаење за заштита и соодветни турнуси за наводнување итн.

Хидромелиоративниот систем “Стежево“ со акумулација од 120 милиони м3 вода, покрај потребите на населението и индустријата, обезбедуваше и обезбедува вода преку системи за наводнување на 20.000 ха плодни површини. Во такви услови, започна аграрен суицид.

Образовниот процес, од 1945 година започна во Земјоделското училиште со поледелска, сточарска, лозаро- овоштарска и други насоки, од каде израснаа првите агро-неимари- земјоделски техничари, а голем дел од нив станаа агрономи, магистри и доктори на науки. Тоа повлече институционално-образавен развој – Виша земјоделска школа, па Ветеринарен факутет, Развојни центри и Агенција за поттикнување развојот на земјоделието.

Но, ѓаволот ја однесе шегата, не одеднаш, но постепено. Започнаа да пропаѓаат индустриските капацитети (Шеќерана, Пиварница, Конзервна, сточарски и живинарски фарми итн.). Паралелно, од полето, како од шега исчезнуваа индустриските култури, пред се, трудоинтензивните- шеќерната репка, тутунот, пченката за зрно, градинарските и маслодавните култури… На оваа екстензија се надоврза и транзицијата, но и диспаритетите кои силно удрија по индивидуалниот сектор.

Својот данок, долгорочно, но во последно време забрзано и најсилно  го зедоа демографските процеси, опасно заканувајќи се со “бела чума“ врз целиот Пелагониски регион. Напуштени мариовски села, запуштени ниви и пасишта, груба преобразба на најплодните ниви во Градско поле и околните места со мали капацитети и стоваришта, кои лакомо ги заземаат аграрните ресусрси и бавчи. Тоа е сликата на сегашните апсурди.

Но, има и нешто круцијално како синтеза на погоре наведеното. Децениските промашени економски политики, толку лоши, со диспаритети, потценетост и прелевање на вредностите на производот кон накупци, трговци и лиферанти доведоа до една ноторна вистина- пропаѓање на аграрот и осиромашување на земјоделците. Стимулациите, колкави и да се, какви и да се, не можат да го спасат бродот што тоне, а политиките (кои да се и чии да се), претежно се алатка за купување мир и гласови кога ќе дојде време. Стара вистина е дека луѓето влијаат на многу општестевени процеси, но економските  закономерности не може никој и со ништо  да ги промени.

Сепак, апсурдот во нашиот аграр е толку голем, поголем е дури и од “црните дупки“ што ги опиша Стивен Хокинг во “Кратка историја на времето“. А, онаа катастрофална вест – фуснота што ја соопшти министерката за образование и најави пренасочување на тројцата запишани во Регионалниот центар (сиц) е аларм што еден медиум го нарече фијаско, но според мене, тоа е мал индикатор за катастрофа во најава за бродот што од поодамна тоне. Се ова ќе ја забрза белата чума, а Државата ќе биде целосно зависна од увоз на храна. Што треба да се направи, одговор треба да дадат власта и кројачите на судбини, а нашиот одговор на насловот е дека аграрот заминува во провалија, или како метафората со бродот, на дното од океанот.

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)