
Кога зборуваме и молчеме за простосмртната тема – ЗОШТО НЕМА ФУДБАЛ ВО БИТОЛА, не дека го нема туку каков е, или зоште Битола ја нема ниту во онаа никаква или секаква елитна лига, а камоли да е соперник на Вардар уште помалку или повеќе да речеме? Состојбите се жални, за тажаленка со гајда, онака народски речено. Ето, како неколкудецениски проследувач на настани, процеси и состојби во нашиот град, ќе речам дека сето ова ме потсетува на една смешна приказна како во четивото по англиски за Кинезот Фанг.
Во “Mr. Fang,s Description of a football match“ пред повеќе од еден век после посетата на Англија, раскажал како дваесет и двајца мажи трчаат по нешто што личи на маслинка, голема колку човечка глава. Меѓутоа, Кинезите уште пред две илјади години имаа слична игра со топка ЦУЈУ, па Фанг се разочарал од тоа што го гледал. Мојата асоцијација, за жал, слична ми е како на Фанг, само што гледајќи ги нашите во “зелено“ како трчаат ваму таму, а топката од нив се удира како од камен, ми прилега како да се паднати од Марс. Сакал некој тоа да го признае или не, тоа е нашата жална фудбалска приказна. Но, ајде да разгатнеме со една бегла анализа, за нештата да станат појасни.
Битола има своја фудбалска традиција, иако никогаш не го достигна нивото на Вардар или прилепска Победа, но секогаш имаше квалитет, ривалство и полни стадиони со фудбалска треска на тие дерби натпревари.
После Втората светска војна и индустријализацијата на градот, излегоа фудбалски имиња како Иракли, Бошко, Бошале, Жване, Лојзи, Злате, Заре од Охрид, Меначо, Бујуко, Калино итн. Тогашната управа донесе и млади фудбалери како Стојановиќ, Веселица, Божиќ, Поповиќ и други и Пелистер стана доминантен фудбалски клуб, а под Тумбе кафе секогаш вриеше како во кошница. Беа толку доминантни, што голманот Поповиќ половина натпревар го поминуваше потпрен на една од стативите.
Минуваа времиња, доаѓаа тренери и играчи – Бутле, Королија, Настевски, Велковски, Рамаданов. Дури и Миљаниќ (како роден битолчанец) смеша прсти кога дојдоа големи имиња од Црвена ѕвезда како голманот Љуковчан и центархалфот Рајковиќ, па и тренерот Смилевски. Но во меѓу време, се случи вистински мирикал. Се сеќава ли некој кога Пелистер го победи шампионско Сараево со Пашиќ? Од маалски фудбал, Градска лига, Регион, никна и младинска фудбалска школа предводена од покојните професори Ставре и Васко Чукало. Од младински тим со капитенот Упале, па голгдетерот Димовски (Чалди) и Гркот се прошетаа во Македонската фудбалска лига.
По нив од помладокот на Пелистер излегоа имиња како Канатларовски, Ставревски, Митко Стојковски, Тони Савевски, Ѓорги Христов, Николче Новевски, Кире Грозданов… После Битола и репрезентацијата, сите имаа успешни интернационални кариери. Значи, традиција имаше, имиња имаше, ама бродот почна да тоне. Во последно време Пелистер стана потпросечен клуб каде никој не сакаше да финансира. Додуша, се направија неколку фудбалски школи со пионери и младинци, ама не излезе ниту едно фудбалско име достојно на златната генерација. Што работат, што играат и колку за нив плаќаат родителите не знам, иако е добро што децата играат фудбал, наместо да прават глупости.
Во меѓу време, тогашниот градоначалник Талески влезе во проектот за изградба на стадионот, па после долги години, добивме модерен стадион со ноќно осветлување и трибини за публика која сега ја нема. Пруга до Кременица за џабе и стадион за џабе. Капитални објекти, за ветер во магла – или сеење ветер и жнеење магла. Очигледно, товарот падна врз Општината која не може да се носи со товар на клуб од повисок ранг. Наместо приватно партнерство, спонзори и самоодржливост, не може да се води фудбалска политика со емисари и општинско – партиски комесари кои ето, дозволија Пелистер и годинава да потоне во Втора лига. Срам и брука, да не победат со селска екипа од Арачиново чиј позајмен голман од Прилеп за ситни пари, им ги одбрани сите пенали. А на завршниот прес, без срам и малку самокритичност почнаа да си се фалат еден со еден, дека комесарот и тренерот, демек, биле многу добри. Извадија и една идиотска статистика, откога дошле освоиле толку и толку бодови, па би биле високо горе на табелата. Абе отпаднавте, потрошивте купој пари за џабе. Згора на се, главна вест по натпреварот во Кавадарци беше тепачката меѓу Чкембарите. Тие често претеруваат и аздисуваат, меѓутоа тие се совест на спортската јавност, па нивните артикулации какви и да се, понекогаш какофонични и дисонантни, тие се само социолошки и психосоцијален одраз на тажната фудбалска приказна.
Решението е во одржлив концепт и есап за тој што вложува, но и умеење за резултати и полн стадион. Силјан Мицевски велеше – рака што дава не се суши. Така е, но мора и може да се најде интерес за сите. А оваа сегашна состојба бара целосна чистка, или погрубо ако сакате, како што би рекле гинеколозите, киретажа. Во меѓу време, на стадионот ќе си гледаме концерти со Здравко Чолиќ и други естрадни ѕвезди со кои “Авалон продукција“ знае како да донесе поблика.
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






