Press "Enter" to skip to content

Во Битола започна првиот фестивал посветен на чалгијата (фотогалерија)

-Чаршијата запеа, Битола доби фестивал на чалгијата, посебен настан, посветен на чалгијата со кој се потврди дека визуелниот идентитет на фестивалот соодветствува со културата, историјата и музичкото богатство на градот.

-Два дена чалгија. Два дена традиција. Една Битола.

Долгогодишната чалгиска традиција, која во Битола зазема истакнато место уште од крајот на минатиот век, оваа година добива своја посветена манифестација. Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои за Битола и битолските боеми значеле многу и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот. Оваа година чалгијата на посебен начин ќе ја заживее Битола, а посебно Старата битолска чаршија.Денес и утре, градот ќе пулсира во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето “Битфест“ во организација на Културно-информативниот центар – Битола.Фестивалот е замислен и треба да биде своевидно враќање на чалгијата во просторот на градот – таму каде што со децении се создавале и пренесувале музичките приказни, традициите и духот на некогашна Битола. Преку богата дводневна програма, чалгијата ќе биде претставена не само како музика, туку и како дел од културното наследство и препознатливиот градски идентитет.На првиот фестивалски ден во Офицерскиот дом започна семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски, а тоа е едукативната содржина со можност за запознавање со традицијата, структурата и спецификите на чалгиската музика.Вечерва, центарот на случувањата се прели во Старата Чаршија кај платото кај “Монмартр“, каде настапија “Чапче и Тајфата“, потоа Филип Шурбевски Езгија Квартет, а заврши со „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.Утре, чалгиската приказна продолжува во Старата Чаршија, каде повторно ќе настапат Чапче и “Тајфата“. Музичкиот врв на фестивалот е концертот на Оливер Јосифовски и неговите пријатели. На овој настан ќе биде официјално промовиран новиот албум „Песни од Офицерски“, дело кое директно ја продолжува оваа музичка традиција.Денешното дефиле на пајтони беше одложено поради временските услови, а ќе се одржи утре во 18 часот. Впечатливото дефиле ќе тргне од Офицерскиот дом и ќе се движи кон чаршијата. Во дефилето ќе учествуваат седум пајтони со музичари и околу сто статисти облечени во староградски носии, создавајќи впечатлива реконструкција на некогашниот градски амбиент.Битолчани и гостите на Битола да ја почувствуваат музиката на чаршијата, да ја доживеат традицијата на поинаков начин и заедно да бидат дел од создавањето на една нова фестивалска традиција.Инаку, чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, којашто со векови комуницирала со големите светски музички центри. Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што денес го знаеме како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време и музиката се делела на „Ала Турка“ и „Ала Франга“. За Битола и битолските боеми, оваа музика со нејзините оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња кои оставиле неизбришлив траг во културното наследство на градот.Целта на овој настан, кој е во организација на Културно-информативниот центар е да се оживее автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија, а во текот на фестивалот, Старата битолска чаршија ќе се претвори во вистинска, жива сцена на старото битолско боемство.

Ж.Ристевска

Фото: Сашо Ристевски

More from КултураMore posts in Култура »