На Денот на независноста “Project 7000“ се враќа таму каде што природно припаѓа, на Пелистер. Денес, кај Инфо-центарот на националниот парк “Пелистер“ – Битола ќе се одржи четвртото издание на “Project 7000“, овојпат под името „Harvest of Sound“ и мотото „Independent by Nature“.
Настанот се реализира во соработка со Националниот парк Пелистер, со идеја планината да стане простор во кој музиката, движењето, дружењето и одговорниот однос кон природата можат да постојат заедно. Програмата започнува напладне.
Во 12 часот зад пултот застанува “Svaba“, во 14 часот “KeeKetz“, во 16 часот настапува “DUPER“, а од 18 часот програмата продолжува со “ConTruDJ“.
Но „Harvest of Sound“ годинава има уште една важна димензија. По пожарите кои неодамна зафатија делови од Баба Планина, “Project 7000“ и НП “Пелистер“ воспоставија посебен протокол за одговорно присуство на посетителите. Пораката е едноставна: Пелистер не е декор за настанот. Пелистер е домаќин. На просторот нема да има хартиени пепелници, а секој посетител ќе биде повикан сопствениот отпад да го задржи кај себе до најблискиот контејнер. Организаторите апелираат и на лична одговорност, со цел просторот по завршувањето на настанот да остане во иста состојба во која бил затекнат.
Во соработка со Инфо-центарот на НП Пелистер, во текот на денот ќе биде активирана и адреналинска зона, со активности под надзор на сертифицирани инструктори и со задолжителна заштитна опрема. Дел од концептот е и пешачењето.
Посетителите се охрабруваат дел од патот до локацијата да го поминат пеш, како свесна транзиција од градскиот ритам кон планината и како дел од самото искуство на “Project 7000“. „Independent by Nature“ на 8 Септември добива и дополнително значење.
Наместо класичен празничен формат, “Project 7000“ го одбележува Денот на независноста со идеја за слобода која доаѓа со одговорност кон просторот, природата и заедницата.






