
Како од една средновековна држава, нејзините луѓе, јазик и црковна традиција, низ векови се создавале различни историски читања и како денешните национајни спорови, понекогаш повеќе зборуваат за нас отколку за Самуил?! Самуил, впрочем, е тема кај која и најмирниот историски разговор за пет минути може да стане балканска кавга. Особено што не се чита само историја, туку се создава спор околу тоа кој има право да го толкува средновековното минато. Но, да не заборавиме, историјата е малку како стар натпис на камен – не можеш да го преправиш затоа што не ти се допаѓа што пишува. Но, можеш да погрешиш ако го читаш со денешен речник и врз актуелен историски контекст. Не сум историчар, но се решив по малку да нурнам во опасните брзаци и историографски водовртежи, ниту да ги лепам денешните национални етикети врз 11. век, без никаква потреба и Самуил да го прогласувам за денешен Македонец, ниту автоматски да ја претвориме целата негова држава во современа Бугарија. Силна поткрепа ми беше Стјепан Антолјак со неговата капитална книга “Средновековна Македонија“, Митко Панов со современата и крајно актуелна, високонаучна и непристрасна книга “Ослепената држава“ и Харалампие Поленаковиќ со неговата студија “Во мугрите на словенската писменост“ од која се просветлија генерации студенти за нашето средновековие. Особено, за мене силен повод беше што Панов ја отвора политичката конструкција за средновековните претстави, немeсто само да го оптоварува 11. век со денешни контексти и квалификации. Самуил не треба да се гледа како “нашиот“ или “нивниот“, туку низ призма на анализа на Самуиловата држава, политичка идеологија и византиска перспектива, да се одмотува клопчето на многу посложени псоцеси наспроти денешните национални поделби. Самуил, треба да се гледа како човек со средновековен идентитет и категориите на неговото време. За нас, Македонците, тоа е важно. Да не му “додаваме“ современ Македонец за да имаме своја историја. Историјата на просторот, населението, јазикот, Охридската традиција и подоцнежното создавање на македонскиот национален идентитет (19. век во услови на национални преродби на Балканот), е доволно богата сама по себе.
1. За гробот на Самуил
Според најстарите историски записи, Самуил после ослепувачкиот погром, починал на 6-ти октомври 1014 година. Сега, со сигурност може да се рече дека неговиот гроб е во базиликата “Свети Ахил“ на островот Свети Ахил во Мала Преспа, денешна Грција. На овој остров се остатоците од големата базилика што традиционално се поврзува со него и според археолошките истражувања, во неа е пронајдена гробница со останките на цар Самуил. Идентификацијата ја направил грчкиот археолог Николаос Муцопулос. Зошто не бил погребан во Охрид кој подоцна станал негов престолен и црковен центар? Претпоставка е дека во Преспа бил изграден голем храм посветен на Св. Ахил по урнекот на храмот во Лариса, бидејќи според преданието Самуил ги пренел моштите на светецот во Преспа и новоизградената базилика станала негово големо светилиште. Тука една мала дигресија. Своевремено, во Мала Преспа учествував на првата трилатерална средба помеѓу градоначниците – Лазаридис од општината Лемос, Темелко од Пустец и Бузлески од Ресен. Иако имав желба да го посетам светилиштето, поради силно невреме и снежен кијамет, желбата остана неостварена.
Бидејќи на гробот не постои натпис што вели “ова е Самуил“, идентификацијата била извршена археолошки и антрополошки. Муцопулос базиликата ја истражувал од 1967 до 1969 година и во јужниот кораб открил четири гробни конструкции. Тие биле ограбени уште во средновековието, но еден гроб бил сочуван. Таму бил положен цел скелет на возрасен маж, со главата подигната на “перниче“ од керамида. Скелетот имал тешка скршеница на левата рака и неправилно зарасната. Средновековните извори сведочат дека Самуил бил тешко повреден во битката кај реката Сперхеј во 997 година, па така Муцопулос таа повреда ја поврзал со скелетот. Антрополошката анализа дала уште неколку податоци. Човекот бил висок 1,60 м, починал на 70 години, имал стара повреда на левата рака и повреда на левата страна од вилицата. Во погребната опрема биле пронајдени остатоци од скапоцена свилена ткаенина со златни нишки, како и делови од фино плетена ризница. На ткаенината имало мотиви од птици, подоцна идентификувани како папагали. Значи, тоа не бил обичен војнички гроб, туку погребувањето било на личност со исклучително висок општествен ранг. Самиот гроб бил архитектонски посебно оформен во аркосолиум. Иако се ова апсолутно сигурно не е докажано, сепак може да се рече дека идентификацијата на Муцопулос е за Самуил, што потврдува и Милан Бошковски. По откривањето на останките, коските биле пренесени во лабораторијата на грчкиот археолог, за подоцна да бидат предадени во Музејот на византиската култура во Солун. Ова предивикало спор со Бугарија, која барала да им бидат доставени останките . Останките се уште се наоѓаат во овој музеј, иако Муцопулос бил спремен да се пазари за размена со стари и вредни византиски записи, што бугарите не прифатиле.
Во деведесеттите години при моја посета на Саемот “Филоксенија“ во Солун, го посетив овој музеј, но тогаш се одржуваше изложба на експонати и документи од манастирите на Света гора, голем настан и со огромна посетеност поддржан од ЕУ. Така, можноста пропадна.
2. Кои и од каде биле комитопулите?
За Словените во Македонија, што навистина знаеме? Во 6. и почетокот на 7. век Балканот е во големи немири. Византиските извори зборуваат за Склавините, нивните напади и населување на Балканот. Особено важен извор се “Чудата на Св. Димитриј“, каде се опишуваат словенските групи околу Солун. Не е докажано дека цела Македонија била масовно населена со Словени во еден голем бран околу шестотата година. Според современите истражувања, процесот бил долготраен, нерамномерен и регионално различен. Археолошките наоди дури покажуваат дека во делови од Македонија византиското население и врските со Империјата продолжиле и во 7. век. Изворите споменуваат различни племенски групи- Драговити западно од Солун, Сагудати, Ринхини, Струмјани и Берзити околу Пелагонија, Битола, Прилеп и Велес. Според средновековните извори, тие не се нарекуваат “Македонци“, туку се племенски заедници чии имиња со текот на времето исчезнуваат како посебни племенски ознаки. Значи, од 6. до 9. век се одвива словенизација на голем дел од населението на Балканот, не само преку доселување, туку и преку постепено мешање, асимилација и ширење на словенскиот јазик и култура. Што ќе рече, во времето на Самуил не треба да замислуваме дека постојат истите племиња од 6. век како непроменети народи оти веќе било поинакво општество. Берзитите се поврзуваат со просторот што за нас е особено важен – Пелагонија и пошироката област околу Битола. Или Берзити – Пелагонија – Битола- Преспа – Охрид – Комитупулите. Само вака може да се следи линијата на словенските племенски заедници до Самуиловото државно јадро, без да прескокнуваме седум до осум века.
За Никола, таткото на четворицата браќа Давид, Мојсеј, Арон и Самуил постои средновековно сведоштво за можна ерменска врска, но не би можело да се рече категорично дека Никола бил Ерменец, ниту неговите синови Ерменци. Според Антолјак и изворите што ги посочува, Никола имал високи општествени позции во Првото бугарско царство. За потеклото, најважниот извор е Степанос Таронски (Асохик), ерменски историчар од крајот на десеттиот и почетокот на единаесеттиот век. Тој пишувал за Самуил и неговото семејство во контекст на Балканот и Бугарите. Сепак, има една важна нијанса- потеклото на комитопулите е предмет на историографска расправа. Постојат хипотези дека семејството било со ерменско потекло, но доказите не се доволно цврсти за тоа да го претставиме како неспорен факт. Дури и да е така со потеклото на семејството на Никола, тие биле политичка елита во словенско- балкански простор, а Самуиловата држава имала многу пошироко и мешано население. Од друга страна, имињата на четворицата браќа Давид, Мојсеј, Арон и Самуил се библиски имиња, што покажува дека семејството било силно христијанизирано и дека не треба да го замислуваме како некаква едноставна “словенска династија“.

3. Братоубиствата
Братоубиствата како корен на предавства, кодошења и самоништења што ќе опстојат во една милениумска линија, сметам дека започнуваат токму од комитопулите. Ова е всушност клучот за разбирање на распадот на Самуиловата држава. Односите меѓу браќата Комитопули, а потоа меѓу нивните синови, биле полни со сојузи, сомнежи и убиства. Татко Никола и мајката Рипсимија, а четворица браќа. После пропаста на источниот дел на Бугарското царство, тие заеднички ја преземаат власта во западните области. Но, не биле рамноправни долго време. Давид загинал во 976 година под нејасни околности, Мојсеј загинал во борба против Византијците при обидот да го освои Сер, Арон останал жив и владеел со областа околу Средец, додека Самуил постепено станува најмоќниот од браќата. И така започнал пресвртот. Околу 976- 987 година доаѓа до сериозен конфликт меѓу браќата. Според Јован Скилица, Арон бил склон кон договор со Византија, а Самуил бил за продолжување на борбите. На крај, Арон бил опколен во Разметица близу денешна Дупница, па бил погубен со семејството. Единствено се спасил неговиот син Јован Владислав, бидејќи во негова одбрана застанал братучедот Гаврил Радомир, самуиловиот син. Две години подоцна, му се оддолжил на најстрашен можен начин. Гаврил Радомир во 1014 година станал цар, но во 1015 година додека ловел кај Острово, Јован Владислав го убива, со што, паѓа последниот директен наследник на Самуил. Со тоа, крвната и политичката пресметка меѓу двете гранки на семејството, практично ја довршува политичката трагедија на државата. За да не помислиме дека Самуил бил суров убиец на својот брат, мора да се има на ум дека средновековната политика функционирала преку династички бракови, заложништва, помилувања и елиминации. Затоа, смртта на Гаврил Радомир не е само семејно убиство, туку е еден од најголемите политички пресврти во целата Самоилова држава. И уште за контекстот на милениумската линија- братоубиства и кодешења, особено во првата половина на 20. век каде настрадаа еден куп револуционери и интелектуалци, со затворање на кругот на асномската елита- Ченто, Брашнаров, Рацин и други знајни и незнајни во еден опак братоубиствен македоноцид потпомогнат од разни белосветски и комшиски калемари.
4. Ослепувањето
Ослепувањето на самуиловите војници по Беласица 1014 година е една од најстрашните епизоди во средневековната историја. По битката кај Клеидион на 29 јули 1014 година, Василиј Втори заробил огромен број самуилови војници. Според византискиот историчар Јован Скилица, Василиј Втори наредил на секои 100 заробеници, 99 да бидат ослепени, а на стотиот едно око да му биде оставено за да ги води останатите и ослепената војска да биде испратена кај Самуил. Ова се факти од средновековни извори и со релативна егзактност. Скилица раскажува дека кога Самуил ја видел ослепената војска се струполил и паднал во несвест, а по два месеца на 6 октомври починал. Приказната за ослепувачот Василиј станала еден од најпозантите мотиви во Византиската истриографија. Масовно ослепување се случило, но на целата војска не, бидејќи во други области имале повеќе воени единици, со кои државата опстојувала уште 4 години.
Според локално предание, дел од ослепените војници се враќале кон Преспа и Охрид и поминале низ село Слепче во демирхисарско, а една група се задржала на конак кај манастирот “Свети Јован Претеча“. Од таму се поврзува и преданието за името Слепче и за “Самуиловиот рид“. Дури има и нарација, дека некои од ослепените војници таму и останале, а самуиловата ќерка Косара им помогнала во нивното сместување и така до денес останало името Слепченски манастир. Според преданијата од поново време, маршрутата би изгледала вака Беласица – Водача – Богомила – Слепец (Прилепско) – Слепченски манастир- Преспа / Охрид.
(Продолжува)
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






