Од театарската сцена до кабарето и Instagram, Николче Пројчевски од Битола постојано наоѓа нови начини да ја насмее и освои публиката. Во разговорот за нашиот портал, тој зборува за актерството, различните сценски предизвици, хуморот и човекот зад сите улоги.
Никола, публиката те познава пред сè како актер на Народниот театар Битола. Кога ќе погледнеш наназад кон почетоците, колку актерот што си денес се разликува од оној млад човек кој првпат професионално застана на сцена?
-Истиот сум. Само што сега совршено разбирам едни реплики кои тогаш (еднаш) со леснотија сум ги кажувал буквално напразно. Истиот оној полн со енергија кој не може десет минути да се задржи во едно исто место, само самодовербата, за среќа или не, веќе премина во самоконтрола.

Низ годините одигра различни ликови и помина низ различни театарски процеси. Постои ли улога што особено те промени — не само како актер, туку и како човек?
-Одма ќе започнам со најклише одговорот кој може да постои, а тоа е дека улогата на родител е таа која ме промени најмногу и сè уште ми е омилена.
Покрај театарската сцена, битолската публика те гледа и во едно сосема поинакво издание — како церемонијален мајстор во кабарето на Gold Felicia. Што ти донесе кабарето како изведувач што класичниот театар можеби не може да ти го даде?
-Кабарето е совршено комплициран чин и театарско-сценски жанр…Таму сфатив дека да, јас ја имам способноста да го задржам вниманието и долго да го одржувам. Веќе петта година го правам на свој, но веќе потврдено харизматичен начин…и сосема ми е доволно. Драма, глума, музика и безброј талентирани уметници…што повеќе?
Во кабарето си во постојан и директен контакт со публиката — публика која секоја вечер носи различна енергија и расположение. Колку токму таа размена со луѓето пред тебе влијае врз начинот на кој ја водиш вечерта и дали публиката понекогаш успева да те изненади и тебе?
-Исклучително е важно кои се оние кои дошле одредена вечер да те гледаат… Кабаретската публика не доаѓа во својство на жири или театарски селектор…тие доаѓаат за парче рает…некогаш изморени, некогаш спремни за луда журка,некогаш по некој срамежлив лик…некогаш некои залутале…немам како поинаку освен да се прилагодам јас и цела екипа која ја создава таа магија наречена Кабаре Голд Фелициа!
Во последно време една друга твоја „сцена“ е Instagram. Преку кратки видеа и хумор коментираш ситуации, навики и апсурди од општеството во кое живееме. Од каде најчесто ги црпиш тие приказни — од секојдневието, од луѓето околу тебе или едноставно имаш актерско око кое постојано набљудува?
-Апсолутно хуморот за мене е средство преку кое искажувам одредени ставови…во ниеден момент сум немал намера да се прикажам себеси како препаметен уште помалку заради смешка некого да навредувам. Сметам дека треба да знаеме што и како дозираме…сега е време за ставање до знаење за одредени недостатоци преку хуморот и комедијата зашто нели трагедијата, трилерите па хоророт се нашето секојдневие!
Хуморот честопати кажува многу посериозни работи отколку драмата. Кога се шегуваш со нашето секојдневие, целта ти е само да ја насмееш публиката или зад смеата намерно оставаш и мала провокација — човекот да се препознае и да се запраша: „Чекај, можеби и јас го правам ова?“
-Хуморот, комедијата…но и сè црпам од своето секојдневие…сите ликови и настани се слика на она што го живееме.И тоа мора така да биде. Останатото е само копи-пејст!
Театарска претстава, кабаретска вечер и видео од една минута на Instagram бараат три различни видови актерска енергија. Во која од овие три форми денес се чувствуваш најслободен, а која сè уште најмногу те предизвикува?
-Кратко и редоследно: театар-кабаре-видеа! Од најкомотно до најразнишан комодитет!

По сите улоги што ги играш — оние напишани од драматурзите, улогата на церемонијален мајстор и оној духовит Никола од социјалните мрежи — кој е Никола кога ќе се изгаснат рефлекторите и кога веќе нема публика што треба да ја насмее или освои?
-Малку хипохондричен, малку перфекционист. Еден ден викам мора совршено ама има денови кога вика нека биде што биде…ниеден одмор не ми е како седење дома цел викенд со храна и тв серии и секако семејството…понекогаш долги прошетки задолжително сам…и купишта кафе!






