Делегација од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, предводена од ректорот проф. д-р Игор Неделковски, заедно со деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски, и доц. д-р Јосиф Петровски од Педагошкиот факултет, зеде активно учество на конференцијата во Тел Авив.
Настанот беше во организација на Levinsky-Wingate Academic College и финансиски поддржан од Министерството за регионална соработка на Израел.
Во рамките на конференцијата ректорот проф. д-р Игор Неделковски оствари разговори со ректорката на Levinsky-Wingate Academic College, проф. д-р Talli Nachlieli, посветени на можностите и дефинирање чекори за интензивирање на соработката.
Ректорот проф. д-р Игор Неделковски и деканот проф. д-р Благој Ристевски претседаваа со работни сесии на конференцијата. Професорите Неделковски, и Ристевски имаа и свои презентации на научни иницијативи за соработка со УКЛО, а своја научна презентација имаше и доц. д-р Јосиф Петровски.
На отворањето конференцијата присуствуваше и амбасадорот на Македонија во Израел, Н.Е. Шпенд Садики, кој во своето пригодно обраќање ги истакна силните врски и одличните можности за продлабочување на соработката меѓу УКЛО и израелските партнери. Тој се осврна на неодамна потпишаната билатерална владина Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот, како и на успешната посета на генералниот директор на израелското Министерство за регионална соработка на нашата држава. Посебно амбасадорот Садики ги истакна активностите на УКЛО и на ректорот Неделковски во продлабочувањето на академската соработка со Израел.
Учеството на македонската делегација беше особено поздравено од организаторите во услови на глобални академски предизвици, со што уште еднаш се потврди посветеноста на УКЛО за континуирано проширување на меѓународната и интердисциплинарната академска мрежа.






