-По повод 12 роденден на ПУДГ “Мали Генијалци“ разговараме со Елена Неделковска сопственичка и воспитувачка, за она што овие години го научиле таа и нејзиниот тим за децата, за родителите и за бизнисот зад една приватна градинка.
-Но и за оние мали, секојдневни нешта кои можеби изгледаат неважни, а без кои еден ден во градинката едноставно не би бил ист.
-Можеби најголемата лекција што децата ни ја даваат е токму тоа: Да не заборавиме да бидеме луѓе. Да се радуваме, да прашуваме, да простуваме, да сакаме искрено и да не се срамиме од своите емоции
Што научивте за децата Вие и Вашиот тим низ годините, а тоа не можеше да се научи во формалното академско образование?
-За децата научивме дека секое дете е различно и дека не постои една формула која функционира за сите. Академското образование ни дава знаење, методи и основа, но вистинската школа започнува кога секој ден ќе застанете пред едно дете и ќе сфатите дека денес можеби не му треба активност, туку прегратка, разговор или едноставно некој да го слушне. Научивме да ги гледаме децата зад нивното однесување. Зад едно „не сакам“, „не можам“ или „лут сум“ често стои некоја потреба која детето сè уште не знае да ја изрази. И можеби најважно – научивме дека децата не паметат секогаш што сме ги научиле, но многу долго паметат како сме ги натерале да се чувствуваат.
Што научивте за родителите откако секојдневно сте сведоци на моментот кога тие Ви ја доверуваат грижата за своите деца?
-Кога родителот го остава своето дете кај нас, тој всушност не ни го доверува само детето. Ни го доверува највредното нешто што го има. Тоа е огромна одговорност. Со текот на годините научивме да не ги гледаме прашањата или забелешките на родителите како критика, туку како нивна потреба да бидат сигурни дека нивното дете е добро. А најубаво е кога со текот на времето ќе ја почувствувате нивната доверба. Кога родителот ќе ви каже: „Знам дека кај вас е добро“, за мене тоа е една од најголемите потврди дека она што го работиме има смисла.
Кој беше најголемиот бизнис момент со кој се соочивте во овие 12 години, а за кој ниту еден прирачник за раководење со приватна градинка не можеше да Ве подготви?
-Најголемиот предизвик беше да научам дека кога работиш со деца, не можеш да размислуваш само како бизнисмен или раководител. Мора да бидеш и педагог, психолог, организатор, лидер, медијатор, а понекогаш и човек кој едноставно ќе застане на страна и ќе слуша. Имало моменти кога требало да носам тешки одлуки – одлуки кои можеби не биле најлесни, но биле најдобри за децата, за тимот или за опстанокот и развојот на градинката. Најтешко беше да научам дека не можеш секогаш да ги задоволиш сите. Но, можеш секогаш да бидеш чесен, професионален и да ја носиш одлуката со најдобрата намера. И мислам дека токму тоа е една од најголемите лекции од овие 12 години.
Дали има барем една мала, навидум неважна навика или ритуал во градинката без кој денот едноставно не би бил ист?
-Има многу такви моменти. Но мислам дека најважен ни е начинот на кој ги пречекуваме децата наутро. Еден поздрав, насмевка, прашањето „Како си денес?“, прегратката за некое дете кое потешко се одвојува од родителот… Тоа можеби изгледа сосема мало и обично, но токму од тие мали нешта се создава чувството дека „ова е мое безбедно место“. А имаме и една наша невидлива навика – без разлика колку е напорен денот, секогаш на крајот се потсетуваме зошто сме тука – поради децата.
Сигурно сте имале и тешки денови. Кој момент најмногу Ве стави на тест, најпрво како човек, а потоа и како воспитувач и сопственичка?
-Имало многу тешки денови. Но, најтешки се оние моменти кога не можете веднаш да го решите проблемот на едно дете, без разлика колку сакате. Како човек, најмногу ме погодува кога гледам дете кое се бори со нешто што е преголемо за неговата возраст. Како воспитувач, тогаш мора да останете смирени, да најдете начин да му помогнете, да го разберете и да му дадете сигурност. А како сопственичка, истовремено мора да мислите и на целата градинка, на вработените, на другите деца и на родителите. Тоа се моменти во кои сфаќате дека одговорноста не завршува со работното време. Понекогаш ја носите со себе дома. Но токму тие тешки моменти ме научија да бидам посилна, посмирена и, пред сè, почовечна.
По 12 години поминати покрај деца, која детска особина најмногу би сакале возрасните никогаш да не ја изгубат?
-Децата можат да се израдуваат на цвет, цртеж, песна, прегратка или нешто што за нас возрасните изгледа сосема обично. Тие не се оптоварени со тоа што ќе мислат другите. Се смеат гласно, плачат кога им е тешко, прашуваат кога нешто не знаат и повторно стануваат после секој пад. Можеби најголемата лекција што децата ни ја даваат е токму тоа: Да не заборавиме да бидеме луѓе. Да се радуваме, да прашуваме, да простуваме, да сакаме искрено и да не се срамиме од своите емоции.
Разговрот го водеа: “ПР Линк Маркетинг“
Фотографии: Приватна архива






