
Симеон Втори е последниот бугарски цар од Третото бугарско царство Крајот на оваа династија е типичен, како и за многу други повоени судбини од овој сталеж, или “сината крв“. По завршувањето на историографскиот хронологизам, ќе се обидеме да перципираме некои историски и политички факти за Фердинанд и релациите со врховистите, за односот кон македонската левица- за Сарафов и Гарванов од една страна, се до Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Јане Сандански од другата страна. Како што напишав во првото продолжение, ова ќе биде само една подлога за опсежната анализа што ќе следи околу македонската револуционерна борба преку ликот и делото на Пиринскиот Цар- Јане Сандански. Но, тоа ќе биде посебена студија која , верувам, ќе поттикне поширок читателски аудиториум.
4. Симеон Втори- несудениот последен цар на Сакс- Кобурзите
Симеон Втори има многу необичен животен пат. Роден е на 16 јуни 1937 година во Софија. Иако некрунисан и неустоличен, на 6 септември 1943 година станал цар, кога татко му Борис Трети починал. Имал само шест години и поради малолетноста, Државата вовела Регентство на чело со неговиот чичко Кирил. Меѓутоа, по превратот на 9 септември 1944 година, комунистите ја презедоа власта. Регентите биле погубени, а царското семејство било ставено под надзор. Со референдум, во 1946 година била укината монархијата и уставното устројство преминало во Република. Во рокот од една година што им бил даден да ја напуштат државата, Симеон, мајка му Јоана и сестра му Марија, заминале во егзил. Најпрвин живееле во Египет, а потоа откако генералот Франко им дал виза за престој, во Шпанија. Таму Симеон се оженил со Маргарита Гомес Асебо. За разлика од татко му и дедо му, никогаш не се откажал од титулата “цар“ иако никогаш званично не бил устоличен со формално крунисување, освен по наследен ред.
После половина век егзил, во 2001 година Симеон се вратил во Бугарија и формирал политичко движење “Национално движење Симеон Втори“ (НДСВ) и на изборите во јуни, со огромна победа станал премиер на Република Бугарија до 2005 година. Што ќе рече, на шест години бил цар, а по 55 години станал демократски избран премиер. Тоа е единствен случај во современата европска историја, поранешн монарх да се врати во својата земја и да стане премиер. Денес Симеон Втори живее во Бугарија. Мајката на Симеон Втори била Јоана Савојска, италијанска принцеза и ќерка на италијанскиот крал Емануел Трети. По смртта на сопругот Борис Трети во август 1943 година, таа останала во Бугарија со децата. Наредната година ситуацијата станала опасна бидејќи тројцата регенти и голем број на министри и политичари биле погубени во февруари 1945 година. Наредната година, по референдумот за укинување на Монархијата, преку Турција, стигнале во Александрија во Египет, каде што живеел поранешниот италијански крал Емануел Трети, дедо на Симеон. Подоцна заминуваат во Шпанија, а сестрата Марија- Луиза ( родена во 1933 година) и денес е жива. Преку династичките бракови е поврзан со британската, белгиската и југословенската кралска куќа. Тука, вредно е да се помене кои биле регенти- Крирл Преславски, брат на Борис Трети и кнез, претседател на Регентството, Богдан Филов, тогашен претседател на Владата и генерал Никола Михов, министер за војна. Во февруари 1945 година, со цела владина клика биле стрелани.
Тој , со мајка му и со сестра му немале никаква “кралска пензија“ и првите години биле помагани од италијанското кралско семејство. Во 1951 година, Франкова Шпанија дала азил и се населиле во Мадрид. Симеон работел како професионалец и бизнисмен и 13 години бил на чело на шпанска филијала на француската компанија “Томсон“. Подоцна бил консултант и инвестирал во банкарство, хотелиерство, електроника и во прехранбениот сектор. Почетниот капитал им било дозволено да го изнесат при напуштањето на Бугарија, како подвижна сопственост. По смртта на Емануел Трети, мајка му во наследство добила една седмина од имотот во Италија. Дури, во еден архивски податок во Бугарија, стои дека Симеон како малолетник добивал издршка од 18. 000 швајцарски франци годишно. Во 1998 година, бугарскиот Уставен суд за противуставна ја прогласил правосудната одлука од 1947 година за конфискација на имототите на бугарските цареви, па потоа дел од нив биле вратени. Најважниот имот е дворецот и паркот “Врана“ кога од Касационито суд во 2022 година на Симеон и Марија- Луиаза им биле вратени во сопственост. Во 2025 година паркот го презела државата со околу еден милион квадратни метри. Од многуте имоти, им останале шумите во Рила со 16. 000 декари и централниот дворец со 2. 000 м2 и над 20 објекти и оранжерии.
5. Фердинад и Македонија
Историските факти, сеедно кој како ги толкува, говорат дека политиката на Фердинанд кон Македонија се испреплетува со ВМОРО (Внатрешната македонско одринска организација), Илинденското востание, Борис Сарафов, Гоце Делчев и македонското прашање. По неговото устоличување за кнез во 1887 гдина, Македонија станала една од клучните теми на бугарската политика. Бугарија била мала држава, а Македонија се уште била во Османлиската Империја. Затоа, македонското прашање за Бугарите и Фердинанд станало национално прашање и геополитичка можност.
Во 1893 година во Солун била создадена ВМОРО, со првична цел автономија на Македонија и Одринско преку револуционерна организација, а не едноставно припојување кон Бугарија. Фердинанд сфатил дека ова движење може да биде огромен инструмент за бугарската политика. Разликата била што ВМОРО сметало дека за ослободување на Македонија треба да одлучува организацијата, а политиката на фердинад била “македонското прашање треба да ја зголеми моќта и влијанието на Бугарија“. За жал, оваа максима и денеска не е згасната, на овој или на оној начин- од националистички флоскули до т.н. проевропски обланди за квазидемократија. Од тоа се создала, каде год соработка, финансиска поддршка, влијание, но и недоверба. Во сета оваа папазјанија, клучот е Гоце Делчев, кој не сакал Македонија да биде претворена во инструмент на Софија. Негова позната политичка мисла е – “Aвтономијата е средство за Македонија да им припаѓа на Македонците, а не само привремена етапа кон бугарско припојување“. Затоа, Делчев и централното раководство на Организацијата имале сопствена политика, иако врските со Бугарија, инстируциите и емиграцијата биле силни.
Илинден 1903 година. Фердинанд бил во исклучително тешка позиција. ВМОРО се подготвувала за востание( познато е кој, како и зошто ја терал востаничката агенда на чело со Сарафов и Гарванов, наспроти Гоце, Ѓорче и Јане), а Бугарија не можела отворено да влезе во војна со Османлиската Империја, па најлесно било Македонците неспремни да востанат и да бидат топовско месо во една воена нерамноправност, се со цел, компромитирање на Турција и пазарења во интерес на Софија. По задушувањето на востанието, следеле огромни бегалски бранови кон Бугарија и меѓународна дипломатска криза. Потоа, од воздржаност Фердинад го менува пристапот и отворено ја поддржува вооружената борба во Македонија. До Балканските војни (1912- 1913), македонското прашање ќе им биде централна надворешна политика. Тој очекувал со победата над Турците, дека најголемиот дел на Македонија ќе влезе во Бугарија, но не излегло така. Катастрофата се случила после Букурешткуиот договор, кога Фердинанд се свртил против дотогашните сојузници Србија и Грција, па бил поразен до нозе. Вардарска Македонија била дадена на Србија, Егејска на Грција, а Бугарија го добила само Пиринскиот дел. Со ова може да се разбере зошто Сарафов бил близок со фердинанд, а се случило она што најмногу ги плашело Гоце, Ѓорче Петров и Јане Сандански- поделба на Македонија на балканските држави како воен плен.
Во 1901 година, по аферата Мис Стоун (за која детално ќе пишуваме во наредниот период), Сарафов бил уапсен од Османлиите и неговото име се издигнало во дипломатските кругови, а после амнестијата, како главен врховист да го турка востанието во 1903 година. Конфликтот меѓу различни струи бил неизбежен, а со предавство на 4 мај 1903 Гоце Делчев загинал пред Илинден. Со тоа, исчезнал најголемиот авторитет кој можел да посредува меѓу различни струи, па ВМОРО се распарчила на разни фракции. Најблиски до Софија и Фердинанд биле Врховистите, а Јане и Ѓорче инсистирале на автономистичката традиција. Тука настанал големиот конфликт меѓу Сарафов и Даме Груев, со трагичен исход. Во 1907 година, во организација на Јане Сандански, Тодор Паница во Софија извршил атентат врз Борис Сарафов и Иван Гарванов, како резултат на внатрешните пресметки во револуционерното движење. По тоа, дошол големиот конфликт со Тодор Александров и смртна пресуда за Јане Сандански, која по осум години се остварила во предавничка заседа на александровистите во 1915 година.
Фердинанд преживеал с`е. Од 1887 до 1918 година ги надживеал- првиот кнез Батемберг, моќниот политичар Стамболов, Делчев, Илинден, распадот на старата ВМОРО, Балканските војни, за на крај, да ја изгуби круната по поразот во Првата светска војна. Сумарно, Фердинанд сакал Македонија да биде средство за голема Бугарија, а ВМОРО сакала сама да ја води македонската револуција, во која, за жал, различни водачи различно ја гледале конечната цел. Сарафов, Гарванов, по нив генерал Иван Цончев сите врховисти, па Тодор Александров подоцна и на крај Иван ( Ванчо) Михајлов, ја одиграа својата рола во служба на Софија и нејзините апетити, поради што, загинаа безброј македонски синови, што од атентати, што од ликвидации и предавства. Само Ванчо Михајлов умрел во Италија во Рим во длабока старост на 94 години, поминувајќи го целиот период по Втората светска војна во емиграција и антијугословенска кампања. Уште во Торино во Италија починал ресенчанецот д-р Христо Татарчев во 1952 година , на 82 години. Тој бил еден од шестмината оснивачи на ВМОРО и целосно се повлекол од Организацијата по Хуриетот, иако имал отворени симпатии кон Бугарија.
(Крај)
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






