Во Офицерскиот дом во Битола се одржа прес-средба со пијанистката и композиторка Андријана Арлен, посветена на значењето на класичната музика, културното образование и потребата уметноста да стане поблиска и подостапна за младите генерации.
На 26 октомври, во просториите на Офицерскиот дом во Битола, пијанистката и композиторка Андријана Арлен се сретна со претставници на медиумите и љубители на музиката, во рамки на настанот „Свири пијано со мене“, организиран како дел од активностите што и претходат на нејзината македонска турнеја „Сребрена ноќ 2026“.
На прес-средбата, Андријана Арлен беше придружувана од нејзиниот менаџер Александар Стојковски, основач и управител на Инфера Студио, продукциската куќа која стои зад организацијата и реализацијата на македонската турнеја „Сребрена ноќ 2026“.
Централна тема на средбата беше улогата на културата и класичната музика во современото општество, со посебен акцент на младите луѓе, нивното музичко образование и можностите за развивање интерес кон уметноста уште од најрана возраст.
Арлен, која повеќе од две децении живее и твори во Шведска, го претстави својот уметнички пристап, кој ги надминува традиционалните граници на класичната музика. Преку спојување на пијаното со филмска музика, современи аранжмани, електронски ритми и сценски израз, таа настојува да создаде музичко доживување што ќе биде блиско и разбирливо за новите генерации.

Класичната музика не треба да биде привилегија на ограничена публика, туку жив дел од современата култура, достапен за секој млад човек. Токму оваа идеја беше во фокусот на разговорите, со нагласување на потребата од нови форми на културна комуникација, поголема поддршка за младите таленти и создавање простор во кој традицијата и современите музички изрази ќе се надополнуваат.
Настанот „Свири пијано со мене“ имаше за цел да ја доближи уметницата до публиката преку непосредна комуникација и заедничко музичко искуство, поттикнувајќи ја љубопитноста кон пијаното како инструмент и кон музиката како универзален јазик на поврзување.
Средбата беше и можност да се претстави концептот на „Сребрена ноќ“ — музичко- сценски спектакл што обединува пијано, камерен оркестар, вокални изведби, саксофон, танц, електронска музика и современи визуелни ефекти.

Со овој проект, Андријана Арлен сака да покаже дека класичната музика може да биде возбудлива, динамична и привлечна и за публиката која вообичаено не посетува концерти од овој жанр.
Битола ќе биде една од станиците на македонската турнеја, со концерт закажан за 12 ноември во Центарот за култура. Турнејата официјално започнува на 31 октомври во Народниот театар во Велес, продолжува во Битола и Штип на 14 ноември, а завршува на 7 декември во Македонската филхармонија во Скопје.
Проектот е во продукција на Инфера Студио, со цел создавање современи културни настани кои ја поврзуваат македонската публика со меѓународни уметнички искуства и нови форми на сценско изразување.
Фото: Дамијана Ристевска











