Press "Enter" to skip to content

“Полноќните приказни во Офицерската палата“ вечерва добија звук, слика и сценски живот (фотогалерија)

-Еден град Битола – сите негови времиња, една сцена… на радост на битолчании кои вечерва беа на свечената академија по повод Денот на ослободувањето на Битола, а Центарот за култура стана место на необична средба меѓу градот што го паметиме и градот што допрва го откриваме.По доделувањето на четвртоноемвриските награди на свечената академија, публиката во продолжение имаше можност да го проследи музичко-сценскиот перформанс “Полноќни приказни во Офицерската палата“.Вечерва, тие приказни добиваат свој звук, слика и сценски живот. Музичко патување во кое минатото се среќава со современоста, а радоста, тагата и копнежот стануваат бои на едно заедничко доживување, благодарение на Четворица врвни музичари – Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски – ги здружија своите уметнички светови во „The Colors of M“.Четворицата, секој со свој музички израз, заедно создадоа простор во кој вековите разговараат, старите звуци добиваат нов живот, а современата музика ги открива своите корени.“Полноќни приказни од Офицерскиот дом“, со авторскиот потпис на Дејан Пројковски, е музичко сценски перформанс што ја раскажува историјата на Битола низ светлина, музика и современ сценски израз. За првпат пред битолската публика, едно вакво доживување и даде нова димензија на градските приказни, поврзувајќи го минатото со сензибилитетот на денешниот гледач.Како изгледа сеќавањето кога станува светлина? Како звучи еден град кога неговите времиња ќе се сретнат на иста сцена? Пројковски отвори простор за возбудливо, визуелно и музички впечатливо читање на Битола. Историјата доби движење, спомените добија звук, а познатото стана повторно вредно за откривање.Пепи Мирчевски раскажа за изградбата на саат кулата, не потсети како едно писмо “патувало“ низ битолски маала, тргнало од Јени Маале, преку “Ушици“, Суберни, Арнаут мале, Широк Сокак, поминало низ Баирот…Петар Горко ги потсети битолчани кои беа присутни на Кркардаш, а порача дека додека има кој да го посетува Кркардаш ќе има битолчани кои ќе ја раскажуваат приказната и историјата на Битола.

Маја Андоновска  – Илиевски раскажа за модата во Битола, како треба една битолчанка да се облекува, секако по најнова мода, како да се однесува кога поминува низ градот, како да им одговара на додворувањето на момчињата, а раскажа за серенадите кои ги пееле момчињата по пенџерите на младите битолчанки.Како дел од музичко-сценскиот перформанс “Полноќни приказни во Офицерската палата“ беше и поп рок хорот “Битвокс“, под диригентство на Марина Коруновска.Вечерва уште еднаш се покажа дека градот живее и во спомените што ги носиме со себе. Во некоја мелодија, во нечие писмо, во средба што времето не успеало да ја избледи. Во приказните што патувале далеку, а секогаш и се враќале на Битола.Низ спојот на музиката и визуелниот израз, „Полноќни приказни во Офицерската палата“ нè повикува да ја почувствуваме Битола низ времето – нејзината нежност и сила, нејзините разделби и средби, нејзината способност секогаш одново да инспирира.Перформансот е во рамките на празничната програма „Сите бои на сеќавањето“, со која Општина Битола ја поврзува почитта кон минатото со современото уметничко творештво.

Текст и фото: Сашо Ристевски

Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo/?fbid=1767687451736740&set=pcb.1767690105069808

More from ВестиMore posts in Вести »