По повод стартот на годинашното 12. по ред издание на битолското културно лето “Бит Фест 2018“ во општина Битола се одржа прес-конференција на која зборуваше градоначалничката на Битола, м-р Наташа Петровска, а беа присутни и членови на комисијата која ја направи селекцијата.
Градоначалниката Петровска пресот го започна со тоа колку ќе чини “Бит фест 2018“ и рече:
-Во името на транспaрентноста на работењето на Општина Битола, за првпат отворено ќе се знае сумата потрошена за културата ова лето. Одобрени средства во програмскиот дел се 5.240.000 денари и тоа 3.240.000 денари од буџетот на Општина Битола и за првпат 2.000.000 од буџетот на Република Македонија. Не затоа што не треба да се троши, туку затоа што природата на трошоците има карактер на класифицирање по приоритет. Една локална самоуправа, мора да мисли на сите аспекти на животот во општината, од култура до инфраструктура, а за содржините кои ќе бидат претставени пред битолчани додаде:

-Годинава нема да има свечено отворање и затворање, а во следните два месеца ќе има 58 настани. При селектирањето на содржините, се водеше грижа за повеќе аспекти: комплетност на документација, селекција на настани за различни вкусови, различни возрасти и различни етнички заедници. Исто така, вниманието беше насочено кон манифестации со долгогодишна традиција или дефиниран имиџ на препознатливост од понов датум.
Петровска се осврна и на тоа што оваа година на материјалите за “Бит фест 2018“ нема да пишува кој е покровител на истите.
-Покровителство е тогаш кога располагате со средстава кои се под директна надлежност на градоначалникот, а ова се средства од буџетот, од граѓаните и не би сакала да биде популистички форсирано.

Оваа година, беше речено на пресот дека од неколку амбасади на странски држави во Република Македонија е побарано да учествуваат со нивна понуда на културни настани, а со нивното учество не само што ќе ја прокажат културата во своите земји туку и ќе потврдат дека Битола е конзулски град.
-Изразувам огромна благодарност до сите амбасади и конзуларни претставништва, кои со свои организации овозможија да го збогатат културното лето во Битола, оваа година“, додаде градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
За идното издание на “Бит фест“ беше речено дека ќе претрпи промени во концептот и дека Битола ќе биде град на културата цела година, односно 365 дена.
Годинашното издание започне вчера со фестивалот “Солстис“, а ќе трае до 25 вгуст, за кога е планирана “Белата ноќ“ на Широк сокак.






