Press "Enter" to skip to content

Дечињата и учителката Весела ги откриваа тајните на археологијата во Музејот (фотогалерија)

На двочасовна работилница во просториите на НУ Завод и музеј Битола, дечињата и учителката Весела вчера ги открива тајните на археологијата. Истражуваа повеќе поими кои децата ги слушаат на телевизија, но не се сигурни или воопшто не го разбираат нивното значење, ги прошируваа своите претстави и искуства и го богатеа детскиот речник. Учеа и применуваа правила за културно однесување во оваа институција додека собираа информации за експонатите во музејот и имињата на локалитетите на кои се најдени.

Преку ротација во групи со различни активности дечињата имаа прилика да искусат различни прилики за учење низ игра и креативна работа.

Читаа книги и налози со информации и легенди за да стекнат претстави кои им послужија за изработки на рагледници од неколку познати локалитети и археолошки наоѓалишта во Македонија. Учителката вели дека ова е од особена важност за нив како граѓани.

-Ова е прилика да поттикнеме интерес за истражување на сопственото културно наследство, богатсво и желба за посета на интересни места токму во наша земја. Кокино, Куклица, Стоби, Хераклеа…Тоа се неколку од местата кои сите мора да ги посетиме со своите дечиња. Дечињата имаа прилика да учествуваат и во симулација на собирање и почетна анализа на материјални остатоци за време на импровизирано археолошко ископување. Наоѓаа фрагменти, ги обележуваа, анализираа, мереа, ги цртаа, соработуваа во обид да состават целини, истражуваа со лупи и нараквици…, ни објасни и нам, учителката Весела Богдановиќ.

Групата која имаше задача да изработи реплики на експонати работеше со глина и креираше сувенири, но и црташе артефакти во работни налози на кои беа испечатени витрини за изложување. Активноста ја помогнаа ликовниот педагог Кирил Т. Константин и учителката Ленче Стојановска, колеги на учителката и нејзини креативни соработници во повеќе проекти. Ученици во улога на ментори со леснотија ја превземаа улогата на учители при секоја ротација на групите и успешно ја водеа слекоја следна активност, по редослед на задачите запишани во работниот налог.

Дечињата истражуваа за фосилите, добија идеи како да си изработаат сувенири со фосилни остатоци, се дружеа со книгите за диносаурусите, составуваа целини со одрежување и лепење на содржини од информативни работни налози.

-Темата е обемна и многу интересна за децата, независно од возраста- вели учителката Весела, а библиотеката е богата со интересни книги кои ги покриваат овие теми па и за време на оваа работилница дечињата имаа прилика да се дружат со нив. Се обидов да направам избор на активности и една цела проектна активност да вметнам во една работилница. Се радувам кога гледам дека целта е постигната. Децата читаат за да истражуваат или да креираат. Откриваат колку богат свет нудат информациите кои чекаат да бидат прочитани. Читањето се сфаќа како потреба, а не како обврска. Љубопитноста е навистина најголем „адут“ кој помага да го фатиме и задржиме детското внимание и интерес.

Дечињата и денес добија многу идеи за понатамошни истражувања во домот но и за научни прошетки низ својата земја. Преку разговорите со учителката прифатија дека компјутерот не е само играчка за играње. Интернетот е полн со интересни информации, фотографии, филмови од науката и културата кои можат да бидат интересни и за нив.

More from КултураMore posts in Култура »